Свет
Украина ископа 400 км противтенковски ровови на границата со Русија
Украина ископа околу 400 км противтенковски ровови на границата со Русија во рамките на проектот „Ѕид“, изјави Сергеј Деинеко, кој е на чело на државната служба за гранична стража, пренесува украинската новинска агенција РБЦ.
„Од моментот кога почна проектот ‘Ѕид’, изградени се околу 400 км противтенковски ровови, 330 км паралелни патишта, поставена е 70 км бодликава жица и челична ограда долга 100 км“, рече Деинеко.
Првично, трошоците за проектот се проценуваа на околу 143 милиони долари. Буџетот на крај беше скратен на околу 90 милиони долари.
Деинеко рече дека работата на утврдувањето во регионот Харков е при крај, а во тек е во регионот Чернигов. Во регионот Суми се во тек проекти и истражувачки работи, но инженерските работи таму сè уште не се почнати.
Поранешниот украински премиер Арсениј Јаценјук го претстави проектот „Ѕид“ во 2014 година како линија на утврдувања на границата со Русија во должина од 2.000 км. Првично, проектот требаше да се заврши во рок од шест месеци, но потоа беше продолжен до 2018 година, до 2021 година и, на крај, до 2025 година.
Во март 2016 година украинското Национално биро за борба против корупција почна кривична постапка за околу 623.000 долари украдени од буџетот на проектот. Во 2017 година беа уапсени осуммина осомничени вклучени во корупциската шема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos

