Свет
Украина: Користењето западно оружје за напад на Русија значително ќе ја ослабне Москва
Началникот на ГШ на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека употребата на западно оружје за напади во Русија е клучна одлука што ќе влијае на руската авијација и нејзината способност да дејствува во пограничните области.
По притисокот од Украина и некои од нејзините европски сојузници, Соединетите Американски Држави минатата недела се согласија да ја променат својата политика и да му дозволат на Киев да користи западно оружје за да напаѓа цели на руска територија како дел од својата одбрана од руската инвазија.
Киев рече дека одлуката ќе помогне да се одбијат руските напади и подобро да се одбрани територијата во североисточната Харковска област.
„Дозволата за употреба на западно оружје на територијата на Руската Федерација е клучна одлука. Тоа ќе влијае на водењето на војната, планирањето на контраофанзивни дејствија и ќе ја ослабне способноста на Русите да ги користи своите сили на граничните области“, порача Андриј Јермак на комуникациската платформа „Телеграм“.
„Одлуката ќе помогне и во одбраната од руски воздушни напади“, додаде Јермак.
Украина често го гаѓа окупираниот полуостров Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, со западно оружје.
Сепак, со помалку човечка сила и оружје од Москва, Киев побара од Вашингтон дозвола да нападне цели на руска територија со оружје произведено од САД, додека Русија отвори ново бојно поле во североисточниот регион Харков.
Харков, вториот по големина град во земјата со околу 1,3 милиони жители, е оддалечен само 30 километри од границата со Русија. Официјални лица на американската администрација тврдат дека последната одлука е специјално наменета за борбите во регионот Харков. Тие велат дека одлуката и дозволува на Украина да користи американско оружје против руските сили кои „ја напаѓаат или подготвуваат да ја нападнат“ преку границата.
Украина, исто така, се обидува да развие сопствено оружје, фокусирајќи се на беспилотни летала, за да гаѓа цели во Русија. Некои украински беспилотни летала нападнаа руски нафтени постројки и воени цели стотици километри оддалечени од границата. Еден од најдалекусежните обиди беше напад на радарска станица во градот Орск, на 1.800 километри од границата со Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирак: Соборен дрон кај меѓународниот аеродром во Багдад
Ирачките власти соопштија дека дрон бил соборен во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, без жртви или материјална штета, јави Анадолу.
Во соопштение пренесено од Ирачката новинска агенција (ИНА) се наведува дека леталото било пресретнато на надворешниот периметар на аеродромот.
Генерал-потполковник Саад Маан изјавил дека станува збор за мало беспилотно летело и потврдил дека нема човечки или материјални загуби.
Овој развој на настаните доаѓа откако претходно во Ербил, на северот на Ирак, се слушнале експлозии по напад со дрон насочен кон американскиот конзулат и градскиот аеродром, каде биле активирани системите за противвоздушна одбрана. Дроновите биле пресретнати, но нема потврда за нивниот точен број.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.

