Свет
Украина може да банкротира по Нова година – ЕУ бара итно план Б
Украина би можела да остане без пари во првите месеци од 2026 година ако пропадне договорот за користење на замрзнатиот руски имот за финансирање на Киев.
Планот за „репарациски заем“ од 140 милијарди евра е блокиран од белгискиот премиер Барт де Вевер, бидејќи најголемиот дел од средствата се наоѓаат во Белгија, која стравува од правни последици и одмазда од Москва, пишува „Политико“.
ЕУ сега работи на план Б – привремен заем финансиран преку заедничко задолжување на Унијата, кој би ѝ овозможил на Украина да преживее неколку месеци додека се финализира поголемиот репарациски заем. Идејата ја поддржуваат повеќе европски дипломати. Украина би го вратила овој привремен заем откако ќе ги добие средствата од долгорочниот механизам.
Дипломатите сметаат дека новата мировна иницијатива на Доналд Трамп може да помогне за притисок и поддршка на планот – особено затоа што Русија би ги добила назад средствата само ако плати воена оштета, што е малку веројатно.
Европската комисија веќе подготвува правен текст, а Урсула фон дер Лајен порача дека европските даночни обврзници нема да го сносат товарот.
Најголема пречка за е што потребна е едногласна поддршка на сите 27 земји, а Унгарија и понатаму се противи ново финансирање на Украина. Можно решение е заемот да се претстави како поддршка за обнова, а не за воена помош.
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека во следните денови ќе биде финализирано решение за да се обезбедат средства за Украина, која предупредува дека веќе на почетокот од следната година останува без пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Тажен кактус“: Норвешка се брани по бранот критики за новогодишната елка во Лондон
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде одговори на бранот критики што се појавија во британската јавност во врска со елката што Норвешка традиционално ја донира на Лондон и која беше поставена на плоштадот Трафалгар.
Во некои британски медиуми и на социјалните мрежи, изгледот на елката беше оценет како разочарувачки, со иронични споредби со „тажен кактус“ и тврдења дека елката изгледа како да е зафатена од „торнадо“. Сепак, Ајде нагласи дека станува збор за симбол чија вредност далеку ги надминува естетските впечатоци.
Тој потсети дека елката е „непроценлив подарок“ и дел од традицијата што трае од 1947 година, кога Норвешка за прв пат ѝ ја подари елката на Велика Британија како знак на благодарност за нејзината поддршка за време на Втората светска војна. Според него, елката е исто така симбол на долгорочно партнерство и пријателски односи меѓу двете земји.
„Многу сме горди на нашата елка и на оваа традиција“, рече Ајде, нагласувајќи дека значењето на овој гест не може да се мери само со визуелни впечатоци.
Фото: депозитфотос
Свет
Зеленски: Украина нема да се повлече од регионот Донецк
Украина не е подготвена да се повлече од регионот Донецк, додека Русија се стреми целосно да го преземе Донбас, изјави денес претседателот на Украина Володимир Зеленски, наведувајќи дека Соединетите Американски Држави во моментов бараат компромисно решение.
„Сите ја знаеме позицијата на Русија. Тие сакаат да го окупираат целиот Донбас, а сега сакаат ние да се повлечеме од Донбас. Ова е нивниот отворен став. Нашиот став е исто така отворен – ние не сме подготвени да преземеме такви чекори, додека Соединетите Американски Држави бараат компромис“, рече Зеленски како одговор на прашања од новинари, објави Укринформ.
Зборувајќи за разговорите за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции, Зеленски рече дека украинските и американските преговарачки тимови ќе одржат серија состаноци во САД во петок и сабота.
Според него, темите на разговорите ќе бидат мировниот план, безбедносните гаранции, договорот за обнова на Украина и други можни чекори.
Тој додаде дека украинскиот тим веќе е на пат кон САД и дека американската страна очекува нивно пристигнување, а можно е и присуство на европски претставници.
Претходно, Зеленски изјави дека следната рунда украинско-американски преговори ќе се одржи во САД по консултациите меѓу Вашингтон и Москва, наведувајќи дека состаноците би можеле да се одржат веќе во текот на викендот, објави Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Судбината на Украина зависи од Белгија, премиерот објави услови
Белгија не сака да ги сноси ризиците од заем за репарација користејќи ги замрзнатите руски средства сама и може да се согласи на тоа само ако другите земји-членки се согласат да ги споделат ризиците, а сè уште нема доволен напредок во врска со ова, изјави денес белгискиот премиер Барт де Вевер.
„Сè уште не сум видел текст што би бил прифатлив за Белгија. Се надевам дека ќе го видам денес“, рече Вевер во утрово во белгискиот парламент, пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ на кој прашањето за финансирање на Украина е главна тема.
„Секако дека можам да направам компромис, но тоа не е можно по одредени точки што ја загрозуваат финансиската безбедност на Европа и Белгија“, рече тој.
Постојат 210 милијарди евра руски средства што се замрзнати во земјите-членки на ЕУ. Поголемиот дел од овие средства, 185 милијарди, беа депонирани во белгиската компанија „Еуроклеар“.
Де Вевер рече дека Комисијата постигнала напредок во своите предлози во врска со распределбата на финансискиот ризик во случај на неповолна арбитражна одлука и дека сите институции на ЕУ што поседуваат руски средства треба да бидат третирани еднакво со „Еуроклеар“.
Сепак, ова сè уште не е доволно во однос на обемот на покриеност на ризикот во случај на арбитражна одлука во Русија или во други јурисдикции на трети земји како што се Кина или Јужна Африка, кои се повеќе или помалку блиски до Русија.
Белгија сака целосно споделување на ризикот и „неограничени гаранции“ бидејќи ризиците не можат да се предвидат.
Сепак, тешко е за другите земји-членки да се согласат на „неограничени гаранции“ бидејќи тоа би значело еден вид бланко чек и прашањето е како да се даде согласност за нешто што не е однапред дефинирано.
Во последните денови, за време на интензивни преговори, Белгија се обиде да протурка друга опција за финансирање на Украина, заедничко задолжување кое би било гарантирано од европскиот буџет.
Сепак, ова бара согласност од сите земји-членки, што е невозможно со оглед на позицијата на Унгарија, а веројатно и на некои други земји.
фото/депозитфотос

