Свет
Украина под чад и рушевини – маж плаче над телото на татка си: „Му реков да бега“
Украинците денеска се разбудија во земја што не ја препознаваат – полна со урнатини, чад и руски тенкови додека се слушаа експлозии и сирени за воздушна опасност.

Во паника многумина побрзаа да си набават резерви и да избегаат што подалеку.
Иако Русија изјави дека напаѓа воени цели, меѓу загинатите и повредените во Украина има и цивили.

Русија денеска изврши симултани напади од југ, исток и од север, од копно и воздух, при што до пладне загинаа најмалку 40 цивили, вклучително и едно момче во станбена зграда во Харков, соопштија украинските власти.
Повредени се и други цивили, а се верува дека уште некои се убиени во 203 напади на руските сили досега, соопшти украинската полиција откога тенковите ја преминаа границата и војниците паднаа со падобран во источните региони претходно денеска.

Луганск, Суми, Харков и Чернихив во источна Украина известија дека биле нападнати, а експлозии биле пријавени и на запад – во Житомир и Лавов, во близина на границата со Полска.
Денешните слики го покажуваат вистинското лице на војната со цивили потопени во крв, на кои им помогнаа службите за итни случаи да се спасат по гранатирањето.

Во источниот украински град Чугујево син плачеше над телото на својот татко меѓу остатоците од ракетниот напад во станбена област.
„Му реков да си оди“, плачеше човекот покрај искривените остатоци од автомобилот.
Во Киев, главниот град на Украина, воздушните напади почнаа пред зори, а звукот на експлозии, пукотници и сирени се слушаше во главниот град со три милиони луѓе, објави „Ројтерс“.

„Се разбудив во пет наутро со звуци на експлозии“, изјави Ивана Климпуш, пратеничка од Европската солидарна партија, зборувајќи за „Инсајдер“ од својот дом во Киев.

Во меѓувреме, главниот меѓународен аеродром во Киев беше погоден во првото бомбардирање на градот по Втората светска војна, а сирените за воздушен напад се огласија над главниот град во мугрите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

