Свет
Украинската амбасада во Скопје: Кремљ почна нова борба со Украина
По окупацијата на Крим и вооружената агресија на истокот на Украина, Кремљ почна нова фаза на борба со Украина – се спроведува економска блокада на украинските пристаништа во Азовското Море и на секој начин се комплицира морепловството во Црното Море, велат од Амбасадата на Украина во Скопје еден ден по инцидентот кога Русија заплени три украински брода со употреба на оружје.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме реакцијата на украинската амбасада:
„На 25 ноември бродовите на поморските сили на вооружените сили на Украина, составени од два мали оклопни артилериски брода ‘Бердјанск’ и ‘Никопол’ и реморкерот ‘Јана Капу’, спроведуваа планиран премин од пристаништето Одеса до пристаништето Мариупол во Азовското Море. Руската страна навреме беше информирана за намерата со цел да се обезбеди безбедноста на навигацијата.
Пограничните бродови на Русиjа од типот ‘Собољ’, ‘Дон’, бродовите од типот ‘Мангуст’, ‘Суздалец’ спроведоа отворено агресивни дејствија против бродовите на морнарицата на Украина. Пограничниот брод ‘Дон’ намерно се судрил со нашиот реморкер.
По почетокот на движењето на поморската група на украинските вооружени сили кон излезот од теснецот Керч, руските бродови ги следеа и во ултимативната форма бараа украинските бродови да застанат под закана од употреба на оружје. И покрај закани и провокации, украинската морнарица продолжи со извршување на задачата.
По напуштањето на 12-километарската зона, бродовите на ПС ФСБ на Руската Федерација отвориле оган врз група бродови на поморските сили на вооружените сили на Украина. Оружјето било искористено за пораз.
Малите оклопни артилериски бродови „Бердјанск“ и „Никопол“ беа погодени од огнот на непријателот и престанале да се движат. Реморкерот „Јана Капу“ исто така бил принуден да застане. Бродовите биле запленети од руските специјални сили, а 6 украински војници се здобиле со повреди и се во тешка состоjба.
Дејствијата на Руската Федерација се противправно прекршување на Повелбата на ООН и Конвенцијата на ОН за морското право.
И треба да се спомене дека само еден ден пред тоа Министерството за надворешни работи на Украина официјално изјави дека во декември оваа година ќе поднесе на разгледување на Генералното собрание на ООН нацрт-резолуција за милитаризација од Русија на Црното и на Азовското Море.
Во врска со уште еден чин на агресија против Украина, претседателот Петро Порошенко свика воен кабинет, по што следеше состанок на советот за националната безбедност и одбрана, на кој беше одобрена одлука на претседателот на Украина да се предложи воведување воена состојба во период од 60 дена со цел да се спречи вооружената агресија и да се обезбеди национална безбедност, елиминирање на заканите за независноста на Украина и територијалниот интегритет.
Нападот врз украинските бродови што извршувале морски премин од пристаништето Одеса до пристаништето Мариупол, во согласност со одредбите на сите применливи мултилатерални и билатерални меѓународни договори и правилата за навигација, е уште еден акт на вооружената агресија на Руската Федерација, како што е дефинирано во член 2 од Повелбата на Обединетите нации и одредбите од Резолуцијата на Генералното собрание на ОН 29/3314 од 14 декември 1974 година за дефинирање на агресијата. Русија, всушност, ги прошири своите воени операции против Украина на море.
Целокупната одговорност за натамошното влошување на ситуацијата во регионот на Азовско и Црно Море и поткопување на мирно решавање на руско-украинскиот вооружен конфликт целосно е на Русија.
Денес, на барање на украинската страна, ситуацијата поврзана со најновиот чин на агресија на Руската Федерација против Украина ќе се разгледува на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

