Свет
Украински командант: Русите се исцрпени, ќе ја искористиме оваа можност
Украина во четвртокот објави дека смета на „многу брзо искористување“ на рускиот замор во Бахмут, центарот на борбите на истокот на земјата, каде што руските сили, со помош на паравоената група „Вагнер“ на линијата на фронтот, претрпеа тешки загуби.
Агресорот сака „да го заземе Бахмут по секоја цена и покрај загубата на персонал и опрема“, рече командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирски.
Руските трупи масовно мобилизирани во и околу Бахмут „губат значителна сила и се исцрпуваат“, додаде тој.
„Ќе ја искористиме оваа можност многу бргу, како што направивме во минатото во близина на Киев, Харков, Балаклија и Купјанск“, рече тој наведувајќи ги претходните победи на украинската војска.
Генералот Сирски уште еднаш ја пофали натчовечката храброст на украинската армија во лицето на руската инвазија.
Руската армија, со паравоената група „Вагнер“, сега го опкружува Бахмут од север, исток и од југ, што го отежнува снабдувањето на украинските војници. Но, тие даваат отпор по цена на големи загуби и на украинската страна.
Иако експертите ја оспоруваат стратешката важност на самиот град Бахмут, Москва би сакала да објави воена победа по неколку неуспеси минатото лето и есента, што предизвика рускиот претседател Владимир Путин да мобилизира неколку стотици илјади резервисти, односно цивили, а потоа да назначи нов командант задолжен за операции во Украина.
Бахмут, кој пред војната имал 70.000 жители, денес е целосно уништен град и речиси целосно напуштен од цивилното население, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

