Свет
Украинците планираат регрутација на затвореници: „Тоа се луѓе што знаат да убиваат, може да помогнат“
Украинската армија нема проблем само со муниција, туку и со луѓе. Проблемот со недостигот на муниција првенствено произлегува од блокадата на републиканците на новиот пакет-помош за Украина во американскиот Конгрес, но проблемот со недостигот на работна сила произлегува од незанемарливите загуби што Украина ги имаше во војната, која влезе во својата трета година пред две недели.
Затоа министерот за правда и 14 украински парламентарци вчера предложија закон со кој затворениците ќе може да служат војска, пишува „Политико“.
„Има илјадници осуденици во Украина што сакаат да ѝ се приклучат на армијата“, рече минатата недела министерот за правда, Денис Маљуска. Тој нагласи дека не гледа ништо лошо во регрутирањето луѓе што знаеле да убиваат доколку може да помогнат во елиминирањето на руските напаѓачи.
Украинскиот закон во моментот не дозволува мобилизација на затвореници. Сепак, на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година украинската влада помилува повеќе од 300 затвореници што сакаа да ѝ се приклучат на армијата.
„Би рекол дека тоа искуство беше горе-долу успешно. Некои од тие осуденици станаа херои и добија медал“, рече Маљушка.
Маљушка рече дека предлог-законот за затворениците веднаш ќе се разгледува бидејќи не наишол на ниту еден претставник што би се спротивставил на идејата.
„Сите разбираат дека можеме да користиме осуденици. И осудените изразија волја да ја заштитат својата земја“, рече министерот.
Сепак, украинските пратеници сè уште треба да разработат правила за контрола на затворениците. Нејасно е и дали на оние што отслужуваат ќе им биде намалена казната.
„Не сите воени команданти се подготвени да земат осуденици и затвореници во своите единици, но ние никому нема и не планираме да наметнуваме такви мобилизирани луѓе. Најверојатно, тоа ќе бидат посебни одреди“, рече Маљуска.
Тој додаде дека ќе може да се пријават само затворениците што издржале поголем дел од казната и кои не се сметаат опасни за јавноста.
„Армијата побара од евентуална мобилизација да ги исклучиме оние што ја нарушиле воената дисциплина и извршиле кривични дела при извршување на воената должност“, тој рече.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

