Свет
Унгарец се држел помеѓу вагони од воз кој се движел со брзина од 282 километри на час

Маж бил на надворешната страна на вагон за брз воз во Германија кој возел со брзина до 282 километри на час и поминал без повреди, соопшти вчера полицијата.
40-годишен унгарски државјанин во четвртокот без билет се качил во воз за северниот крајбрежен град Либек во Минхен. Но, полицијата тврди дека тоа не била причината за ризичниот потфат.
Кога возот застанал на станицата во Инголштад, на околу 70 километри северно од Минхен, патникот се симнал од возот за да запали цигара.
Кога сфатил дека вратите се затворени и возот тргнал, скокнал на спојката помеѓу двата вагони и се држел за каблите додека возот забрзувал до 282 километри на час, соопшти полицијата.
Набљудувачите од платформата повикале полиција околу 15 часот. Машиновозачот го запрел возот во градот Киндинг, триесетина километри северно од Инголштад, каде мажот бил уапсен.
Тој и рекол на полицијата дека скокнал во возот бидејќи неговиот багаж се уште бил внатре. Човекот изненадувачки не е повреден во инцидентот опасен по живот, изјави портпаролот на федералната полиција.
Тој сега е под истрага затоа што не купил билет. Се соочува и со обвинение за нарушувачко однесување, што се смета само за прекршок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Премиерот на Гренланд: Со нетрпение ја очекувам посетата на данската премиерка

Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен денеска изјави дека со нетрпение ја очекува посетата на данската премиерка Мете Фредериксен во среда.
Нилсен рече дека Гренланд долго време ја посакувал оваа посета, објави Ројтерс.
Тој во неделата рече дека САД нема да го добијат Гренланд, одговарајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да ја преземе контролата врз оваа самоуправна автономна територија под суверенитет на Данска.
Свет
Од кабинетот на Зеленски негираат дека тој се подготвува да се кандидира за втор мандат

Од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски го демантираат извештајот на британскиот Економист дека Зеленски се подготвува да се кандидира за втор мандат на претседателските избори во јули.
Оттаму исто така, негираа дека Зеленски одржал состанок за изборите во јули, на кој наводно, според Економист, му наредил на својот тим да ги организира изборите, пренесе УНИАН.
Извор од украинската влада изјави дека главното прашање сега е постигнување мир и дека е целосно лажно дека подготовките за изборите веќе се во тек.
Свет
Марин Ле Пен ќе поднесе жалба на пресудата

Марин Ле Пен ќе поднесе жалба на одлуката на судот со која лидерката на француската крајна десница е осудена на четири години затвор, соопшти нејзиниот адвокат.
Според одлуката, две од вкупно четирите години затвор ќе бидат условна казна. Судот пресуди и дека Ле Пен треба да добие петгодишна забрана за вршење јавна функција и треба да плати парична казна од 100.000 евра.
Ле Пен е прогласена за виновна за проневера на европски фондови.
Ова е удар за демократијата – рече нејзиниот адвокат.
– Марин Ле Пен ќе продолжи да се бори – изјави портпаролот на нејзината партија Национален собир.
Ле Пен важи за еден од фаворитите за претседателските избори во Франција закажани за 2027 година.