Свет
УНХЦР: Повеќе од 800.000 може да го напуштат Судан поради судирите
И покрај наводниот прекин на огнот и фактот дека странските држави ја прекинаа евакуацијата, ОН предупредија во понеделникот дека 800.000 луѓе би можеле да го напуштат Судан додека ривалските воени фракции се борат во главниот град, пренесува „Ал Арабија“.
Заменик-шефот на ОН за бегалци, Рауф Мазу, рече дека неговата агенција предвидува егзодус на 815.000 луѓе, вклучувајќи 580.000 Суданци, како и странски бегалци, кои сега живеат во земјата.
„Речиси 73.000 веќе го напуштиле Судан,“ рече тој.
Стотици луѓе се убиени, а илјадници се ранети во текот на 16-дневните пресметки во конфликтот што избувна на 15 април поттикнат од спорот меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ).
„Најмалку 528 лица загинаа, а 4.599 се ранети“, соопшти Министерството за здравство.
ОН објавија сличен број на загинати, но веруваат дека реалниот биланс е многу поголем.
Многумина се плашат за своите животи во борбата за моќ меѓу началникот на армијата и шефот на РСФ, кои ја поделија контролата врз владата по пучот во 2021 година, но се раскараа за планираната транзиција кон цивилна власт.
Се чини дека нема многу шанси за брзо решавање на кризата, која предизвика хуманитарна катастрофа, уништи делови од Картум, ризикува да ги вовлече регионалните сили во борбите и повторно го разгори конфликтот во регионот Дарфур.
Откога и двете страни се согласија во неделата да го продолжат примирјето за 72 часа и покрај многуте прекини, ОН најавија можни разговори за примирје во Саудиска Арабија. Но, борбите продолжија во понеделникот со воздушни и артилериски напади.
Десетици илјади Суданци ги напуштија своите домови, некои се собираат во центрите, како „Атбара“, североисточно од Картум, или се упатуваат кон границите со Египет и со Чад.
Од Египет велат дека повеќе од 40.000 Суданци ја преминале нивната граница, а илјадници други заминале во Чад, Јужен Судан и во Етиопија или тргнале преку Црвеното Море со чамци за евакуација.
ОН стравуваат од ефектот од војната и врз Судан и поширокиот регион, вели Мартин Грифитс, висок функционер за хуманитарни и итни прашања за помош предупредувајќи дека земјата е пред колапс.
„Размерите и брзината на она што се случува во Судан се без преседан“, рече Грифитс, кој ќе го посети Судан денеска.
Странските влади ги извлекоа своите граѓани во серија операции по воздушен, морски и копнен пат изминатата недела иако неколку земји ги прекинаа напорите. Оние што останаа во земјата се соочуваат со тешкотии и опасност.
Снабдувањето со електрична енергија и вода се несигурни, има малку храна и гориво, повеќето болници и клиники не работат, а зголемените транспортни трошоци го отежнуваат заминувањето.
ОН и другите хуманитарни организации ги прекинаа услугите откога нивен персонал беше убиен на почетокот на војната иако Светската програма за храна најави во понеделникот дека ги обновува операциите во побезбедните области. Агенциите увезуваат резерви преку „Порт Судан“, но им требаат гаранции за безбедноста за да ги испорачаат до Картум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток
Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Свет
Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи
Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.
Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.
Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.
„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.
И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.
Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.
фото/Depositphotos
Свет
Израелска војска: Нападнавме таен ирански нуклеарен комплекс
Израелските воздухопловни сили нападнаа тајна иранска нуклеарна локација во предградието на Техеран порано денес, објави израелската војска.
На прес-конференција, портпаролката на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјави дека група нуклеарни научници „тајно работеле на развој на капацитети потребни за нуклеарно оружје“ во делумно подземниот објект.
Според ИДФ, по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година, за време на која цел беа иранските нуклеарни објекти, Иран „не ги запрел своите воени нуклеарни активности и продолжил да развива капацитети потребни за нуклеарно оружје, истовремено преместувајќи ја инфраструктурата на подземна локација заштитена од воздушни напади“.
ИДФ соопшти дека ги следела активностите на иранските нуклеарни научници и „ја лоцирала нивната нова локација, што овозможило прецизен удар врз тајниот комплекс“.
фото/Depositphotos

