Свет
Фараж ги налути британските политичари со изјавата дека ја испровоцирале војната во Украина
Лидерот на британската десничарска и популистичка Реформска партија, Најџел Фараж, е обвинет од истакнати британски конзервативци и лабуристи дека го брани Путин и го повторува неговото „гнасно оправдување за бруталната инвазија на Украина“.
Секретарот за внатрешни работи на Обединетото Кралство, Џејмс Клеверли реагираше откако Фараж рече дека Британија ја испровоцирала оваа војна, повлекувајќи поврзаност помеѓу проширувањето на НАТО и Европската унија во последните децении и конфликтот во Источна Европа.
Во интервју за BBC One во петокот, Фараж беше прашан за неговите ставови за рускиот претседател Владимир Путин. Тој одговори: „Реков дека не ми се допаѓа како личност, но му се восхитував како политичар затоа што успеа да ја преземе контролата врз раководството на Русија“.
Путин континуирано ја извршуваше функцијата руски претседател или премиер од 1999 година, а изборите беа опишани како „наместени“. Фараж, поранешен пратеник во Европскиот парламент, исто така рече: „Во ред, ќе ви кажам што не знаете, застанав во Европскиот парламент во 2014 година и реков, цитирам, ќе има војна во Украина. Зошто го реков тоа? Ми беше очигледно дека постојаното проширување на НАТО и Европската унија кон исток му дава причина на овој човек да му каже на рускиот народ, тие повторно доаѓаат кај нас и војуваат“.
Фараж рече дека дава слични коментари од 1990-тите, од падот на Берлинскиот ѕид и додаде: „Чекајте малку, ние ја предизвикавме оваа војна. Тоа е, знаете, секако дека е негова вина – го искористи она што го направивме како изговор“.
Фараж наиде на критики од водечките политичари, вклучувајќи го и Клеверли кој на „Икс“ напиша: „Тоа е само Фараж што го повторува гнасното оправдување на Путин за бруталната инвазија на Украина“.
Секретарот за одбрана во сенка на лабуристите Џон Хили рече дека Фараж „подобро би ги лижел чизмите на Владимир Путин отколку да се залага за народот на Украина“ и додаде: „Ова се срамни коментари, кои го откриваат вистинското лице на Најџел Фараж: апологет на Путин на кој никогаш не треба да му се верува“.
„Досега постоеше обединет фронт меѓу британските политички лидери за поддршка на народот на Украина против неиспровоцираниот и неоправдан напад што го претрпе од рацете на Владимир Путин. Поранешниот секретар за одбрана Тобијас Елвуд изјави за Дејли Телеграф: „Черчил ќе се превртува во својот гроб“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

