Свет
Федерален судија нареди спојување на разделените мигрантски семејства во рок од 30 дена
Федерален судија во Сан Диего, Калифорнија, во вторникот издаде прелиминарна наредба по барање на Американската унија за граѓански слободи со која им наложи на американските гранични служби да ги спојат разделените мигрантски семејства во рок од 30 дена, пренесува „Лос Анџелес тајмс“.
Судија Дејна Сабро ја издаде оваа наредба врз основа на тужба на Американската унија за граѓански слободи која се однесува на седумгодишно девојче што е одвоено од мајката, која е од Конго, и на 14-годишно момче кое е раздвоено од мајката Бразилка. Судијата Сабро исто така издаде забрана за раздвојување семејства во иднина на ниво на целата сојузна држава, освен во случаи кога ќе биде проценето дека родителот не е способен да се грижи за детето.
Спред наредбата, сите деца помлади од пет години мора да им бидат вратени на родителите во рок од 14 дена, додека децата постари од 5 години мора да се вратат кај родителите во рок од 30 дена. Во изминативе недели повеќе од 2 000 деца се разделени од нивните родители, нелегални имигранти во САД, и сместени под контрола на државата.
Во исто време, против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, тужба поднесоа 17 сојузни американски држави и дистриктот Колумбија, кои се обидуваат да ја запрат „суровата и незаконска“ политика на присилно раздвојување на имигрантските семејства, кои влегуваат од Мексико. Во тужбата поднесена вчера во американскиот окружен суд во Сиетл, американските сојузни држави го нарекоа указот, со кој се стопираше развојувањето на семејставта, „илузија“.
Трамп на 20 јуни потпиша указ со кој на имигрантските семејства, кои илегално ја минале јужната граница на САД, им се овозможува да бидат заедно додека го чекаат исходот од имигрантската постапка.
Тој, меѓутоа, напомена дека ќе продолжи политиката „нулта толеранција“, која подразбира кривично гонење на сите возрасни лица, кои се фатени како нелегално ја минуваат границата. Во тужбата се вели дека политиката на администрацијата на Трамп делумно е неуставна, бидејќи е „мотивирана од злонамерност и желба да се повредат“ имигрантите, кои доаѓаат од Јужна Америка.
По бројни критики од редовите на својата Републиканска партија, како и од опозициските демократи, претседателот Доналд Трамп издаде извршна наредба да се прекине со раздвојување на семејствата на илегалните имигранти и рече дека наместо тоа, родителите и децата ќе бидат во прифатни центри заедно. Меѓутоа, повторното спојување на семејствата се одвива бавно, наведуваат западни медиуми.
Во меѓувреме, американскиот потпретседател Мајк Пенс им порача на граѓаните на централна АМерика да не доаѓаат во САД ако не можат да влезат легално. На првата станица на својата јужноамериканска Турнеја во Бразилија, Пенс кажа дека има порака до луѓето од тој регион.
„Не ги ризикувајте своите животи и животите на своите деца обидувајќи се да дојдете по патот што го управуваат шверцерите на дрога и луѓе. Ако не можете да дојдете легално, воопшто не доаѓајте“, кажа пенс.
Американскиот потпретседател вчера се сретна со бразилскиот претседател МИшел Темер. Во заедничка изјава тие кажаа дека разговарале за состојбата во Венецуела, државата во која политичката и економска криза доведе до иселување на милиони луѓе во последните години.
„Колапсот на Венецуела создава хуманитарна криза“, кажа Пенс, кој денес во бразилски Манаус треба да се сретне со емигранти од Венецуела, а потоа да отпатува во Еквадор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешен британски министер под истрага поради Епстин, Стармер: Нè излажа повеќе пати
Британскиот премиер Кир Стармер изрази жалење за назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, велејќи дека ветеранот од Лабуристичката партија повеќе пати лажел за своите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Стармер попушти под притисокот од опозициската Конзервативна партија, како и од делови од неговата Лабуристичка партија, и се согласи да објави документи поврзани со назначувањето на Манделсон за амбасадорска функција во 2024 година.
Манделсон, поранешен министер во лабуристичката влада пред повеќе од 15 години, поднесе оставка од Домот на лордовите во вторник поради неговите врски со Епстин и сега е под полициска истрага за наводна злоупотреба на службената должност.
Документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела вклучуваат пораки што сугерираат дека Манделсон му испраќал доверливи владини документи на Епстин и дека бил платен за тоа.

Манделсон изјави дека не се сеќава дека примил пари, но сè уште јавно не коментирал за наводите за доставување доверливи материјали, ниту пак одговори на медиумските прашања.
Стармер се бранеше тврдејќи дека дејствувал брзо, одземајќи му ги сите титули и должности на Манделсон, обвинувајќи го за предавство на националните интереси на Обединетото Кралство.
Сепак, објаснувањето на премиерот за тоа како е назначен Манделсон не ја смири опозицијата, која отворено го доведе во прашање политичкото расудување на Стармер, како и улогата на неговиот најблизок советник Морган МекСвини.
Аферата предизвика незадоволство и во рамките на Лабуристичката партија, каде што пратениците се сè повеќе фрустрирани од серијата непријатни политички пресврти што ја погодија владата на Стармер.
Свет
Гутереш: Истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за глобалната безбедност
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за меѓународниот мир и безбедност и ги повика Русија и САД без одложување да започнат преговори за нова рамка за контрола на нуклеарното оружје.
Договорот „Нов СТАРТ“, кој истече на полноќ во среда, го ограничи бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што Русија и САД можеа да ги распоредат, како и бројот на ракети и бомбардери базирани од копно и подморница, дизајнирани да ги испорачаат.
„За прв пат по повеќе од половина век, се соочуваме со свет без никакви обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави, двете држави кои поседуваат огромно мнозинство од глобалниот нуклеарен арсенал“, рече Гутереш во соопштението.
Тој предупреди дека разоткривањето на децениските достигнувања во контролата на оружјето се случува во време кога, рече тој, ризикот од употреба на нуклеарно оружје е највисок во последните децении.
Во исто време, тој нагласи дека постои можност за „ресетирање“ и создавање режим на контрола на оружјето прилагоден на променливата глобална средина и ги поздрави изјавите на лидерите на Русија и САД за потребата да се спречи враќањето на неконтролираното ширење на нуклеарното оружје во светот.
„Светот сега гледа кон Русија и САД да ги претворат зборовите во дела“, рече Гутереш, повикувајќи ги двете земји без одложување да се вратат на преговарачката маса и да се договорат за договор-наследник што ќе ги врати проверливите граници, ќе ги намали ризиците и ќе ја зајакне заедничката безбедност.
Свет
Израел врати 54 тела и 66 кутии со останки во Газа
Министерството за здравство на Газа вчера објави дека 54 палестински тела и 66 кутии со човечки останки се префрлени во Појасот Газа откако биле предадени од Израел, а испораката се изврши преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Министерството соопшти дека телата и останките пристигнале во медицинскиот комплекс Ал-Шифа со возила на Црвениот крст, каде што медицинските екипи веднаш започнале со форензичка обработка во согласност со одобрените медицински процедури.
Се вели дека во тек е работа за завршување на процесот на преглед и документирање во координација со надлежните органи и специјализираните комитети, пред да им се дозволи на семејствата да ги идентификуваат телата според утврдените протоколи.
Израелската војска продолжи да го крши договорот за фазен прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври, и покрај објавата на САД во јануари дека започнала втора фаза.
Таа фаза вклучува дополнителни израелски повлекувања од Газа и започнување на напорите за реконструкција, за кои ОН проценува дека ќе чинат околу 70 милијарди долари.
Прекинот на огнот стави крај на израелската офанзива што започна во октомври 2023 година и траеше две години, во која, според палестинските бројки, беа убиени речиси 72.000 Палестинци, а повеќе од 171.000 беа ранети, додека околу 90 проценти од инфраструктурата на Газа беше уништена.

