Свет
ФИФА го одби барањето на украинскиот претседател да испрати порака за мир во финалето на СП

ФИФА го одби барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да испрати порака до гледачите за важноста на мирот во светот в недела пред почетокот на финалето на Светското првенство.
Неименуван извор изјави за Си-ен-ен дека канцеларијата на Зеленски ѝ понудила на ФИФА украинскиот претседател да им се обрати на навивачите во Катар преку видеоврска, но дека предлогот бил одбиен.
Засега не се знае дали пораката на Зеленски требало да се емитува во живо или порано да се снима.
Ова малку необично барање не е изненадувачки во однос на украинската политика. Киев постојано се обидуваше да ги искористи големите светски настани, без разлика на нивната содржина, за да го привлече вниманието на војната во Украина.
Зеленски се појави преку видеоврска во неколку ситуации, од самитот на Г20 до „Греми“ и Канскиот филмски фестивал.
Тој исто така разговараше со голем број новинари и познати личности, вклучувајќи ги и Шон Пен и Дејвид Летерман, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин денес ќе одржи прес-конференција за западните медиуми

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одговара на прашања од западни новинари во Санкт Петербург, додека неговата војна против Украина беснее, а непријателствата меѓу Иран и Израел ескалираат.
На првиот ден од годишниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург (СПИЕФ), Путин ќе се сретне со претставници на меѓународни новински агенции за да ја презентира својата перспектива за глобалните прашања, соопшти Кремљ.
Во минатото ваквите сесии со прашања и одговори беа познати по тоа што траеја со часови. Војната на Путин против Украина, веројатно, повторно ќе биде во центарот на вниманието.
Русија го користи СПИЕФ за да се претстави пред светот и да се спротивстави на меѓународната изолација што ја бара Западот. Форумот се смета и за место за заобиколување на санкциите против богатата со ресурси нација. Според организаторите, најголемиот економски настан минатата година привлече речиси 22.000 учесници од 139 земји.
Путин планира да одржи говор за економската политика в петок, како што прави секоја година, и да одговори на прашања на панел.
И покрај ограничените економски контакти, на форумот присуствуваат многу претприемачи и говорници од западните земји.
Свет
Иран: „Воцап“ ја испраќа вашата локација до ционистите; „Воцап“: Не споделуваме информации со никого

„Воцап“ денес ги негира обвинувањата дека ги споделува личните податоци на своите ирански корисници со Израел.
Иранската државна телевизија вчера ги повика луѓето да ја избришат апликацијата „Воцап“ од своите телефони тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги споделува со, како што велат, ционистичкиот непријател.
„Загрижени сме дека овие лажни извештаи би можеле да се искористат како изговор за блокирање на нашите услуги во време кога луѓето имаат најголема потреба од нив“, изјави портпаролот на „Воцап“, во сопственост на „Мета груп“.
„Сите пораки што ги испраќате до вашето семејство и до пријателите на ‘Воцап’ се енкриптирани од крај до крај, што значи дека никој, освен испраќачот и примачот, нема пристап до тие пораки, дури ни ‘Воцап’“, увери тој.
„Ние не даваме информации на ниедна влада“, инсистира портпаролот на „Воцап“ додавајќи дека „повеќе од десет години ‘Мета’ обезбедува извештаи за транспарентност, што ги вклучуваат ретките околности во кои се барани информации од ‘Воцап’“.
Во петокот, по избувнувањето на непријателствата во Израел, иранското Министерство за комуникации објави привремени ограничувања на интернет во земјата. Многу веб-страници и апликации оттогаш се делумно или целосно недостапни.
Иранските власти го повикаа населението да ја минимизира употребата на уреди поврзани со интернет и да биде претпазливо онлајн, според новинската агенција ИНСА.
На државните службеници и на нивните безбедносни тимови им е забрането да користат какви било поврзани уреди, вклучувајќи мобилни телефони, паметни часовници и лаптопи, според упатството од властите.
Иран, денес, исто така објави апсење на пет лица, идентификувани како агенти на Мосад, израелската разузнавачка служба, обвинети за оцрнување на имиџот на Исламската Република на интернет, објавија неколку локални медиуми.
Регион
Трагедија во Грција: Србинка пронајдена мртва на плажа во Олимпискиот Регион

Српска државјанка е пронајдена во несвест во вторникот наутро на плажата Макригијалос во Пиерија (Катерина), Олимпискиот Регион, соопшти денес грчката крајбрежна стража, објави српски „Блиц“.
73-годишната жена со возило на брзата помош била пренесена во Здравствениот центар во Егинио, каде што била констатирана смрт, јавува агенцијата „Ана“.
Како што е наведено, во тек е истрага од страна на Централната пристанишна управа на Солун во Грција.
Пред две недели исто така тело на жена од Србија беше пронајдено во морето кај Касандра, а брзата помош констатира смрт.