Свет
„Форбс“: Трамп испадна од ексклузивниот клуб на богатите
Доналд Трамп испадна од листата на „Форбс“ на 400 најбогати луѓе во САД, објави магазинот, а во Њујорк продолжува судењето на поранешниот претседател за бизнис-измами.
„Доналд Трамп повеќе не е доволно богат за најексклузивниот клуб во земјата“, објави „Форбс“.
„Со проценето богатство од 2,6 милијарди долари, тој е 300 милиони долари под листата на ‘Форбс’ на 400 најбогати Американци“, велат тие. Според „Форбс“, падот на нето-вредноста на Трамп од 600 милиони долари во голема мера се должи на проблемите и падот на вредноста на Truth Social, платформата за социјални медиуми што тој ја формира откога беше исфрлен од „Твитер“ и „Фејсбук“ поради нападите на неговите поддржувачи врз Конгресот.
Портфолиото на Трамп со недвижности, на кое го изгради своето име пред да влезе во политиката во 2015 година, исто така доби удар. „Форбс“ истакнува дека има светла точка во портфолиото на Трамп, а тоа е неговиот бизнис со терените за голф, кој закрепна по падот за време на престојот на Трамп во Белата куќа, пишува „Гардијан“.
Сепак, процените на терените за голф се еден од фокусите на судењето за измама на Трамп во Њујорк, каде што судијата веќе заклучи дека Трамп „јасно (направил) лажни процени што обвинетите ги користеле во бизнисот“.
77-годишниот Трамп веќе испадна неколкупати од листата на „Форбс“ на 400 најбогати луѓе во САД.
Првиот пат беше во 1990 година кога неговата империја за недвижности беше во неволја. Тој повторно падна од списокот во 2021 година по завршувањето на претседателскиот мандат и среде пандемијата на коронавирусот. Тој се врати на списокот минатата година.
„Не сомневајте се. Трамп е исклучително богат“, објави „Форбс“ по тој повод.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

