Свет
(Фото) Велика Британија е на работ на граѓанска војна, министерката за внатрешни повика на „најсилна акција“
Велика Британија е на раб на граѓанска војна откако протестите против мигрантите попладнево ексалираа со палење на хотел во кој се сместени баратели на азил.
Стармер: Гарантирам дека ќе зажалите што учествувате во ова нарушување на мирот
Британскиот премиер, Кир Стармер, во своето обраќање вети дека „ќе стори сé што е потребно за да ги изведат овие насилници пред лицето на правдата што е можно побрзо“ во услови кога насилство се шири.
„Гарантирам дека ќе зажалите што учествувате во ова нарушување на мирот. Нема оправдување за ова. Луѓето во оваа земја имаат право да бидат безбедни, а сепак видовме цел на муслиманските заедници и напади врз џамии. Сакам да знаете дека оваа насилна толпа не ја претставува оваа земја и ние ќе ги изведеме пред лицето на правдата“, рече тој и додава дека „ова е насилство“ и „не протест“.
„Мислам дека треба да има целосна сила на законот и тој треба да биде брз“, кажа тој.

Министерката за внатрешни работи, Ивет Купер, изјави дека нападот на хотелот во Ротерам е „крајно ужасен“.
Таа рече дека полицијата има „целосна владина поддршка“ за „најсилната акција против одговорните“.
The criminal, violent attack on a hotel housing asylum seekers in Rotherham is utterly appalling. Deliberately setting fire to a building with people known to be inside.
South Yorkshire Police have full Government support for the strongest action against those responsible.
— Yvette Cooper (@YvetteCooperMP) August 4, 2024
Стивен Паркинсон, шефот на Јавното обвинителство, рече: „Актите на насилство забележани низ целата земја овој викенд вклучуваат криминал од најсериозен вид. Сакам да нема сомнеж во нашата решеност инволвираните да се соочат со тешки последици. Овој викенд распоредивме дополнителни адвокати и ќе продолжиме да работиме деноноќно за да се осигураме дека законот и редот се одржуваат и правдата е задоволена. Им наредив на обвинителите веднаш да донесат одлуки за обвинение кога има клучни докази и тие го прават тоа“.

На џамиите ќе им биде понудено ново итно обезбедување
На џамиите ќе им биде понудена поголема заштита со нова „итна безбедност“ која може брзо да биде распоредена за да одговори на насилните нереди кои зафаќаат делови од Англија, објави Министерството за внатрешни работи.

„Неизбежна граѓанска војна“
Американскиот милијардер и претприемач Илон Маск верува дека масовните немири во Велика Британија би можеле да прераснат во граѓанска војна.
„Граѓанската војна е неизбежна“, напиша тој на платформата „Х“, коментирајќи видео од протестите во британските градови.

Викендов се одржаа најмалку 30 демонстрации низ Велика Британија. Демонстранти се собраа во Болтон, Ланкастер, Мидлсброу, Вејмут, Ротерам и Њукасл од Тајн и други локации.
Претходно, илјадници демонстранти се собраа претходно пред канцеларијата на премиерот во Лондон, извикувајќи „Спасете ги нашите деца“, „Сакаме да ја вратиме нашата земја“.
Протестите беа предизвикани по напад со нож во градот Саутпорт каде 17-годишник уби три девојчиња на час по танц, а тешко рани други 13 лица. Полицијата соопшти дека осомничениот е Аксел Рудакубана, роден во Кардиф, Велс, чии родители се по потекло од Руанда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европската комисија предлага укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан
Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за укинување на роаминг-надоместоците.
Како што беше соопштено, откако договорите ќе бидат финализирани и целосно усогласени со правилата на ЕУ за роаминг, нема да има дополнителни надоместоци за повици, СМС-пораки и користење мобилни податоци при патување во земјите на Европската унија.
Тоа ќе значи поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан кои патуваат во ЕУ, туку и за патниците од ЕУ кои доаѓаат во земјите од регионот.
Со усвојувањето на предлогот за преговарачки мандати, Комисијата бара од Советот на ЕУ одобрување за отворање преговори со земјите од Западен Балкан. По одлуката на Советот, Комисијата ќе преговара билатерални договори со секоја држава поединечно.
Предлогот има цел да ги надгради постојните доброволни договори меѓу мобилните оператори во ЕУ и Западен Балкан, кои веќе овозможуваат пониски роаминг-тарифи. Граѓаните од Западен Балкан веќе имаат намалени тарифи и при патувања во рамки на регионот, врз основа на регионалниот договор за роаминг.
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека роаминг-надоместоците претставуваат проблем во регионот и дека „неочекуваните сметки при патување се нешто што во ЕУ повеќе не се прифаќа“, нагласувајќи дека целта е овој режим да се прошири и на Западен Балкан.
Свет
(Фото) Во документите на Епстин, објавена фотографија од Хокинг додека позира со две девојки, семејството тврди: Тоа се негователки
Семејството на починатиот научник Стивен Хокинг тврди дека жените во бикини кои позираат со него на фотографија од документите на Џефри Епстин биле негови долгогодишни негователки. На фотографијата познатиот физичар се смее, а покрај него стојат две жени кои држат, како што изгледа, овошни коктели. Како и кај многу други документи што ги објави американското Министерство за правда, не е наведен контекстот кога и каде е направена фотографијата.
Семејството: Фотографијата е од 2006 година, на Карибите
Претставник на наследството на Хокинг за „Дејли мејл“ изјавил дека двете жени биле негови „долгогодишни негователки од Обединетото Кралство“. Додал дека фотографијата е направена во 2006 година во хотелот „Риц-Карлтон“ на карипскиот остров Сент Томас. Според семејството, Хокинг позирал за фотографијата откако одржал говор за квантна космологија на научен симпозиум, на кој присуствувал и Џефри Епстин.
Семејството одбило да открие кој ја направил фотографијата и како таа се нашла во документите на Епстин. Исто така, не одговориле на прашања за односот меѓу Хокинг и Епстин, како и дали било вообичаено негователките да се грижат за него во костими за капење и при тоа да пијат коктели.

Фото: Министерство за правда на САД
Хокинг, кој почина во март 2018 година на 76-годишна возраст, повеќе од 50 години живееше со амиотрофична латерална склероза (АЛС), поради што поголем дел од животот му беше потребна целодневна медицинска грижа од тим медицински сестри.
Портпаролот на семејството изјави за „Дејли мејл“ дека професорот Хокинг дал некои од најголемите придонеси во физиката во 20 век, истовремено бил и најдолговечниот познат пациент со болест на моторниот неврон и зависел од респиратор, синтетизатор на говор, инвалидска количка и целодневна медицинска нега.
„Секоја инсинуација за непримерно однесување од негова страна е погрешна и крајно претерана“, навел портпаролот.
Хокинг бил меѓу 21 меѓународно признат научник кои во март 2006 година учествувале на конференција организирана од Епстин, пет месеци пред финансиерот првпат да биде обвинет за поттикнување на проституција.
Конференцијата со наслов „Енергијата на вакуумот која не е нула“ се одржала во хотелот „Риц-Карлтон“ на островот Сент Томас, недалеку од приватниот остров на Епстин, Литл Сент Џејмс.
Во објава на блогот на Фондацијата „Џефри Епстин VI“ било наведено дека гостите можеле „да дискутираат, да се релаксираат на плажа и да посетат блиско приватно островско засолниште на научниот филантроп Џефри Епстин, кој го финансирал настанот“. Се чини дека гостите престојувале и на Сент Томас и на Литл Сент Џејмс, каде што Епстин лично ги угостил.
Фотографии објавени во 2015 година го прикажуваат Хокинг на скара на островот, а подоцна му била организирана и тура по морското дно околу островот со подморница која Епстин ја пренаменил специјално за него.
Министерството за правда досега објавило повеќе од 3,5 милиони документи поврзани со Епстин, од вкупно повеќе од шест милиони идентификувани списи.
Свет
Стотици илјади тони какао непродадени во Африка поради високите откупни цени
Брегот на Слоновата Коска би можел до крајот на главната жетва во март да наталожи околу 200.000 тони непродадено какао доколку владата не ги намали откупните цени, тврдат трговци и експерти.
Залихите се зголемија откако владата во октомври утврди откупни цени повисоки од оние на светските пазари. Според трговците, најмалку 100.000 тони од главната жетва не се платени, а до крајот на март би можеле да се додадат уште 100.000 тони ако цените не се коригираат.
Владата на Брегот на Слоновата Коска најави дека ќе купи 100.000 тони непродадено какао за околу 500 милиони долари за да им обезбеди средства на земјоделците, но трговците сметаат дека ќе биде потребно да се откупи и поголемо количество.
Владините претставници, пак, наведуваат дека извозот останува стабилен, со испорачани 1,011 милиони тони до 20 февруари, во споредба со 1,04 милиони тони во истиот период лани.
Гана минатата недела ја намали откупната цена на какаото за речиси една третина, наведува Ројтерс.

