Свет
Хакерска група поврзана со Иран тврди дека ги пробила серверите на ИАИ
Релативно новата хакерска група Pay2Key во неделата излезе со тврдење дека упаднале во системите на разни израелски корпорации од одбранбената индустрија, вклучително и на „Израелската аероспејс индустри“ (ИАИ), пренесува РТ.
Групата го најави нападот минатата недела со анкета барајќи од корисниците да гласаат која израелска организација има најбезбедна мрежа, а државниот ИАИ беше еден од изборите и освои најмногу гласови.
#pay2key sneak peek..
which one is the most secure network? you guess…
— Winter is coming (Pay2Key) (@PKeytwt) December 17, 2020
„И јас така мислев, но понекогаш нешто се менува …Бидете на штрек!“, објави потоа групата на „Твитер“.
Pay2Key подоцна објави наводен доказ дека имаат пристап до директориумот на ИАИ, како и информации за пристап во подружницата на ИАИ, „Елта системс лтд“.
Извештаите сугерираат дека групата објавила список на корисници на серверите на „Елта системс“ на Дарквеб, вклучувајќи ја и Камила Едри, раководител на развој на сајбер-проекти. Информациите што излегоа не беа класифицирани, туку имиња и компјутерски регистри. Сепак, тоа покажува дека групата имала пристап до почувствителни информации.
ИАИ во моментот го испитува можниот напад иако тврди дека не се украдени никакви класифицирани или штетни информации.
Winter solstice… a new shiny logo will appear on #pay2key directory soon?
— Winter is coming (Pay2Key) (@PKeytwt) December 20, 2020
Извештаите за Pay2Key од фирмите за интернет-безбедност „Чек поинт“ и „Вајтстрим“ сугерираат дека групата хакира сервери и држи информациски заложници во замена за откуп. Некои експерти го наведоа најновиот кибер-напад против Израел како дело на Иран бидејќи извештајот на „ Вајтстрим“ го поврзува Pay2Key со нацијата следејќи мината исплата на откуп на иранска берза на криптовалути.
„Го следевме редоследот на трансакции, кои почнаа со депонирање на откупот и завршија на, како што се чини, иранската берза на криптовалути со име ‘Екскоино’“, се наведува во извештајот.
Лотем Финкелштајн, раководител на кибер-разузнавањето во „Чек поинт“, исто така смета дека Pay2Key има напредни можности и можел да ги пробие серверите на ИАИ неколку дена или дури неколку недели пред да објави, но тврди на тоа дека нападот е првенствено финансиски мотивиран иако барањата за откуп сè уште не се доставени.
Актуелниот кибер-напад е најнов во серијата хакирања против Израел. Во извештајот од „Чек поинт“ од почетокот на декември се тврди дека во октомври и во ноември биле хакирани серверите на повеќе од 100 израелски компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

