Свет
Хамас го поздравува повлекувањето на Трамп од предлогот за раселување на жителите од Газа
Портпаролот на Хамас Хазем Касем вчера го поздрави очигледното повлекување на американскиот претседател Доналд Трамп од предлогот за трајно раселување на Палестинците од Газа, повикувајќи го Трамп да се воздржи од согласување со визијата на „екстремната ционистичка десница“.
Изјавата на функционерот на Хамас дојде откако Трамп вчера рече дека „никој не ги протерува Палестинците од Газа“ како одговор на прашање за време на состанокот во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин.
„Ако изјавите на американскиот претседател Трамп претставуваат повлекување од каква било идеја за раселување на луѓето од Појасот Газа, тие се добредојдени“, рече Касем во изјавата.
Минатиот месец Трамп предложи американско преземање на Газа, каде во израелските воени напади загинаа десетици илјади луѓе во изминатите 17 месеци, откако претходно предложи Палестинците во енклавата да бидат трајно раселени.
Во неделата, Тахер Ал-Ноно, политички советник на лидерот на Хамас, ги потврди директните разговори со САД во главниот град на Катар, каде што разговараа за ослободување на американско-израелскиот двоен државјанин кој го држи милитантната група во Газа.
Тој додаде дека на состаноците меѓу лидерите на Хамас и американскиот преговарач за заложниците, Адам Болер, се разговарало и за тоа како постепено да се имплементира договорот чија цел е да се стави крај на војната меѓу Израел и Газа.
Израел и Хамас во саботата сигнализираа дека се подготвуваат за следната фаза од преговорите за прекин на огнот, додека посредниците ги продолжија разговорите за продолжување на 42-дневното примирје што започна во јануари.
Делегација на Хамас се состана со египетските посредници во изминатите два дена и ја потврди својата подготвеност да преговара за следната фаза од прекинот на огнот. Израел испрати преговарачи во Доха во понеделникот на разговори за прекин на огнот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

