Свет
Хамас предупредува: Плановите на Израел да се прошири на Западниот Брег се осудени на пропаст
Палестинското движење Хамас, кое го контролира Појасот Газа, го предупреди Израел против плановите за проширување на суверенитетот врз области на Западниот Брег, вклучително и стратешката долина на Јордан, пренесува „Спутник“.
Кабинетот на Хамас за прашања во врска со Ерусалим соопшти во неделата дека Ерусалим ќе остане палестински, арапски и исламски град и вечна престолнина на палестинската држава и сите сили на оваа планета нема да може да го променат неговиот идентитет, но и адреса и историја.
Во изјавата се додава дека Израел и неговите заговори против Ерусалим и Палестина ќе бидат осудени на неуспех и нема да обезбедат иднина за своето постоење на палестинската земја.
Хамас исто така ја критикува, според нив, злокобната зделка на векот поврзана со палестинско-израелската мировна спогодба велејќи дека некои земји веќе влегле во флагрантна фаза на нормализирање на односите со Тел Авив преку политички, економски, културни, спортски и уметнички траектории пркосејќи им на достоинството и на волјата на арапскиот и муслиманскиот народ, кои долго време го поддржуваат палестинскиот народ во нивната долга борба со ционистичкиот непријател“.
Милитантната група исто така ја повика Палестинската Самоуправа да се повлече од катастрофалниот договор од Осло потпишан во 90-тите, кој имаше цел решавање на израелско-палестинскиот конфликт во согласност со резолуциите 242 и 338 на Советот за безбедност на ОН.
Изјавата следува кога јорданскиот крал Абдула Втори го предупреди Израел кон средината на мај за масовен судир со Хашмитското Кралство ако еврејската држава продолжи со своето проширување на суверенитетот врз области на Западниот Брег.
„Лидерите што се залагаат за решение со една држава не сфаќаат што би значело тоа. Што би се случило ако се распадне Палестинската Самоуправа? Ќе има повеќе хаос и екстремизам во регионот“, рече тој во интервју за „Шпигел“.
Јорданскиот крал очигледно посочува на т.н. решение за две држави, што подразбира воспоставување две држави – Израел и една за Палестинците, на спорните територии на Западниот Брег, вклучително и источен Ерусалим и Појасот Газа.
Тој јасно стави до знаење дека иако не сака да се заканува и да создава напната атмосфера, Јордан ги разгледува сите опции.
На ова му претходеше изјавата на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кој предвидува дека израелската влада може да почне со разгледување на проширувањето на суверенитетот над Западниот Брег од 1 јули, во синхронизација со планот за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман, објави дека администрацијата на Трамп е подготвена да го признае проширувањето на суверенитетот на Израел над 30 отсто од Западниот Брег.
Планот предлага создавање палестинска држава, покрај Израел, но со нејзин главен град на периферијата на источен Ерусалим наместо во него. Според планот, расфрланите палестински територии ќе бидат обединети со систем на автопати, мостови и тунели.
Планот веднаш беше отфрлен од палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој рече дека Ерусалим не е на продажба и дека Палестинците ќе го фрлат договорот во кантата за ѓубре на историјата.
Минатиот месец Абас за „Ал џезира“ изјави дека Палестинската ослободителна организација и палестинската држава ги отфрлиле сите обврски според сите договори со владите на САД и Израел, вклучително и оние поврзани со безбедноста“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

