Свет
Хаос во Њујорк: Напаѓач на скутер пукал во луѓе, има мртви
Едно лице загина, а три други се ранети во повеќе престрелки во Бруклин и Квинс, области на Њујорк Сити во САД, за кои полицијата верува дека се случајни.
Вооружен маж кој возел скутер без регистарски таблички отворил оган во саботата на пет различни локации во Јамајка, населба Квинс и во Бруклин, соопшти њујоршката полиција.
Приведен е 25-годишен маж кај кого е пронајден пиштол калибар 9 милиметри со продолжена рамка, се вели во соопштението на полицијата.
„Не го знаеме мотивот. Во овој момент, врз основа на видео снимката што ја имаме, веруваме дека тој не цели никого, не следи никого. Додека го вози својот скутер, тој пука во луѓе“, рече службеник на полицијата.
На снимката што ја има полицијата, се гледа како осомничениот со скутер и приоѓа на жртвата одзади и пука еден истрел.
Потоа, 17 минути подоцна, истиот осомничен пукал со пиштол кон 87-годишен маж во Квинс, соопшти полицијата.
Жртвата, која беше застрелана во грбот, им подлегна на повредите откако беше пренесена во болница, изјави полициски претставник.
Тој додаде дека кога полицијата пристигнала на местото на настанот, дознала за уште едно пукање во кое никој не бил застрелан и дека бројни сведоци пријавиле дека виделе човек како вози скутер и „пука во група луѓе“.
Четвртото пукање се случило во 11:35 часот кога 44-годишен маж бил застрелан во образот, хоспитализиран и во критична состојба.
Неполна минута подоцна, осомничениот го застрелал 63-годишниот маж во десното рамо. И оваа жртва е хоспитализирана и е во стабилна состојба, соопшти полицијата.
Полицијата соопшти дека напаѓачот употребил исто оружје во сите пет инциденти и дека осомничениот кој е уапсен веќе има криминално досие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

