Свет
Херои на четири нозе: како кучињата помагаат во спасувачките операции по земјотреси
Кучињата се обучени да го душкаат човековиот мирис, да стојат мирно и гласно да лаат за да ги предупредат своите водичи дека пронашле живот, пишува „Ал џезира“
Неколку часа по двата силни земјотреса и стотиците последователни потреси што ги погодија југоисточна Турција и северозападна Сирија на 6 февруари, во Турција почнаа да пристигнуваат многу потребните спасувачи – К9-тимовите од целиот свет.
К9 е куче специјално обучено да им помага на безбедносните сили и на тимовите за итни случаи во спасувачките операции, борбата против дрогата или друго. Овие кучиња, меѓу другото, потекнуваат од Ел Салвадор, Германија, Мексико, Катар, Јужна Кореја, Швајцарија, Украина и од САД.
Спасувачите на четири нозе, кои може да најдат жртви само по мирис, се потребни за да им помогнат на турските тимови во очајничките операции, каде што се урнаа згради високи до 14 ката, што го отежнува пронаоѓањето преживеани по вид или звук.
„Редог“, волонтерски тим К9 од Швајцарија, е на терен во турскиот град Искендерун, кој работи со локалниот тим ГЕА.
Од пристигнувањето на 6 февруари, тим од 10 луѓе и шест обучени кучиња заедно со ГЕА досега пронашле 39 живи луѓе под урнатините.

Второто куче ги потврдува наодите од првото
Кучињата се обучени да го душкаат мирисот на една личност, да стојат мирно и гласно да лаат за да ги предупредат своите водичи каде го нашле. Второто куче потоа се ослободува за да се види дали може да ги потврди наодите од првото.
Ако двете кучиња потврдат, тоа им овозможува на луѓето спасувачи да ги фокусираат своите напори за копање на тоа конкретно место додека не го пронајдат лицето.
„Мислам дека тоа е еден од најемотивните моменти во мојот живот… моментот кога едно од нашите кучиња ни сигнализира дека пронашло луѓе во урнатините“, изјави за „Ал џезира“, Матијас Гербер, заменик-шефот за пребарување урнатини во „Редог“.
Кучињата работат по цел ден во тимови од тројца околу урнатините, наизменично во смени од 20 минути, по што следуваат паузи од 40 минути.
Во еден случај, откога нивните кучиња сигнализирале локација на која се закопани луѓето, спасувачките тимови почнале да копаат на местото и набргу слушнале тропање зад урнатините на жртвите заробени внатре потврдувајќи го она што кучињата веќе го откриле.
„По осум часа напорна работа, тие спасиле четири лица“, изјави за „Ал џезира“, Џијан Форстер, водач на тимот „Редог“, кој работи со три кучиња.

Играчка или храна како награда
Секојпат кога кучето ќе најде личност, тоа е пофалено и наградено со играчка или храна.
„Тој сака да наоѓа луѓе бидејќи секојпат добива награда“, рече Форстер.
„Главната работа е што кучето се забавува и сака да бара луѓе“.
Ако преживеаниот не е затрупан премногу длабоко, кучињата може многу бргу да го помирисаат. Но, некои згради во Искендерун имаат шест ката, кои се урнати, со 2-3 метри бетон помеѓу секое ниво, што е предизвик.
„Доколку е потребно време за да се појави мирисот, мора да одиме на локацијата и да отстраниме дел од урнатините и да се обидеме повторно. Тоа е прилично тежок процес ако лицето е закопано длабоко“, рече Гербер.
Опишувајќи го неодамнешното спасување, Форстер рече: „Дојдовме до урнатините и почнавме да гледаме на врвот на покривот на зградата и таму не најдовме мирис. И тогаш Џан помисли дека ветерот доаѓа од запад, па ја пребаравме источната страна на урнатините и таму кучињата открија мирис на личност“.
Кучињата што работат со „Редог“ на теренот во Турција – меѓу нив лабрадори, германски и белгиски овчари, златни ретривери – имаат до седум години искуство во работа во спасувачки мисии и помогнале да се најдат преживеани по катастрофите во Јапонија, Непал и во Албанија.
Сепак, вели Гербер, во последните 30 години од неговата работа со кучињата спасувачи сегашната мисија во Турција носи најголем предизвик и е најтрагичната што тој ја доживеал, со оглед на обемот на уништувањето.

Куче – подобро од која било технологија
„За нашите кучиња е многу тешко да најдат луѓе ако има толку многу урнатини. Тоа е голема пречка за нас. Добро е ако можеме да се вратиме на истото место на урнатините откога ќе се отстранат некои катови и повторно да бараме бидејќи тогаш ќе имаме шанса да најдеме живи луѓе, дури и ако се закопани многу длабоко“, рече Гербер.
„Ужасно е тоа што се случи овде. Сите овие урнати згради, сите оние луѓе што ги загубија своите роднини, своите домови. Тоа е страшно“, изјави Гербер.
„Среќни сме што помагаме овде со нашите кучиња, да ги извлечеме луѓето живи. Тоа е навистина важно. Навистина ме трога што можеме да помогнеме овде“.
Невладината организација „Нешнал дизестер дог фаундејшн“, со седиште во Калифорнија, обучи седум од 12-те кучиња спасувачи распоредени од САД, кои моментно бараат преживеани во Турција.
Дениз Сандерс, директорката за комуникации и операции на тимот за пребарување, изјави за „Ал џезира“ дека кучињата се „многу подобри во откривањето мириси од која било технологија што ја имаме“.
„Тие собираат миризливи честички во воздухот и потоа го следат својот нос буквално до најсилниот извор на мирис, кој е местото на потенцијалната жртва“, вели Сандерс.
Зборувајќи од минатите искуства во работата по земјотреси, како, на пример, на Хаити, таа вели дека кучињата покажале оти може да мирисаат „многу разни мириси, кои се многу распрснати во воздухот“, и тоа длабоко и до 6-9 метри под површината.
„Особено на Хаити имавме згради високи шест-седум ката, кои се урнаа… Знаеме дека кучињата можеа да ги лоцираат преживеаните и да нè предупредат“, рече Сандерс.
За кучето да биде тренирано и вешто да најде преживеани, природно треба да има нагон, решителност и безгранична енергија, рече Сандерс.
„Ова не е вашето домашно милениче, неколкупати да му фрлите играчка во дворот, а тој да се измори и да легне. Овие кучиња ќе одат додека не паднат или додека не им кажете дека е време да престанат. Таков вид издржливост и решителност е токму она што ни треба… Тие се на терен една-две недели и мора да покријат огромна површина, да проверат толку многу локации и да зачекорат низ толку многу ридови од урнатини.
Мексиканско куче прогласено за херој
Спасувачките K9 се посветени на својата работа и се соочуваат со истите опасности како и нивните колеги луѓе.
Протео, германски овчар што работел со мексиканскиот спасувачки тим во Кахраманмараш, го загубил животот кога врз него паднале остатоците од зградата што ја пребарал. Мексиканското Министерство за одбрана го прогласи за херој.
Gracias #Proteo por tu heroica labor, cumpliste la misión #perrito del #EjércitoMexicano #fuerzaturquia🇹🇷 #sismo #esperanza pic.twitter.com/bQdgxT3wnH
— @SEDENAmx (@SEDENAmx) February 12, 2023
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

