Свет
Херојот Ахмед од Сиднеј би можел да ја загуби раката: „Сè би повторил“
Ахмед ал Ахмед, случаен минувач кој вчера херојски совлада и разоружа еден од напаѓачите на плажата Бонди, порача дека и покрај тешките повреди и големите болки, повторно би го направил истото, пишува мелбурншкиот „Дејџ“. Неговиот адвокат за миграции, Сем Иса, го посетил вечерва и потврдил дека Ахмед не жали за својот чин.
„Не жали за она што го направи. Рече дека повторно би го сторил истото. Но болката почна да зема данок“, изјави Иса, додавајќи дека здравствената состојба на Ахмед се влошила. „Воопшто не му е добро. Прострелан е со повеќе куршуми. Нашиот херој моментално се мачи“, рече тој. Ахмед се опоравува во болницата „Сент Џорџ“ во Когарах, по првата операција, а постои стравување дека би можел да ја загуби левата рака.
Тој има пет прострелни рани на раката, а еден куршум, кој се заглавил во задниот дел на левата лопатка, сè уште не е изваден. „Многу е полошо отколку што се очекуваше. Кога ќе помислите на куршум во рака, не помислувате на сериозни повреди, но тој изгубил многу крв“, изјави Иса.
Откако во 2022 година добил австралиско државјанство, Ахмед се чувствува „должен“ на заедницата која го прифатила. „Ахмед е скромен човек, не го интересира медиумското внимание, тој само го направи она што чувствуваше дека мора да го направи како човечко суштество тој ден“, објасни неговиот адвокат.
„Ова е негов начин да ја изрази благодарноста за тоа што останал во Австралија, за доделеното државјанство. Навистина ја цени оваа заедница и чувствуваше дека, како нејзин член, мора да постапи така и да придонесе“, рече тој. Претходно денес, родителите на Ахмед, Фатех и Малака, изјавиле дека нивниот син е „во добро расположение“.
„Рече дека му благодари на Бога што можел да го направи тоа, да им помогне на невините луѓе и да ги спаси од овие чудовишта, овие убијци“, изјави неговиот татко. Мајката додаде дека не можела да престане да плаче од гордост кога слушнала дека нејзиниот син спасил животи.
Херојството на Ахмед го пофали и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Во Австралија, како што веројатно прочитавте, имаше една многу, многу храбра личност која директно се соочи со еден од напаѓачите. Спаси многу животи, многу храбра личност која моментално е во болница, прилично сериозно повредена. Имам голема почит кон човекот што го направи тоа“, изјави Трамп.
Ахмед ал Ахмед (44), муслиман со потекло од Сирија, пристигнал во Австралија во 2006 година. Тој е сопственик на продавница за тутун и татко на две ќерки, на возраст од пет и шест години. Неговиот братучед Мустафа, кој од вчера е постојано со него во болница, вели дека Ахмед без сомнение е херој.
„Апсолутно, тој е херој. Би го дал животот за да спаси други луѓе“, рече Мустафа, додавајќи дека Ахмед му доверил дека не знае што го обзело, но дека Бог му дал „сила каква што никогаш претходно немал“.
Вчера Ахмед пиел кафе со својот братучед Џозај Алкани во Бонди, недалеку од местото каде што се одржувала прославата на Ханука. „Тоа беше само 10 минути пред да се случи ова“, раскажа Алкани. Кога започнала пукањето, Ахмед му рекол на братучедот: „Ќе умрам. Те молам, посети го моето семејство и кажи им дека заминав да спасувам животи.“
Снимките од местото на настанот покажуваат како Ахмед му приоѓа на напаѓачот, го совладува и му ја одзема пушката. Откако го потпрел оружјето на дрво, напаѓачот се повлекол и му се придружил на другиот напаѓач на блискиот надвозник. Ахмед тогаш, влегувајќи во линијата на оган за да ги заштити другите, бил погоден со два куршума.
Патот на Ахмед до австралиското државјанство бил тежок. По бегството од граѓанската војна во Сирија, неговото барање за државјанство било одбиено во 2019 година поради обвинувања за поседување украдена стока, кои подоцна биле отфрлени.
Државјанството конечно му било доделено во 2022 година. Судските записи покажуваат и дека во 2022 година признал вина за помали прекршоци поврзани со тутун, а во 2023 година бил прогласен за виновен за поседување нож, но без заведена осуда.
Неговиот адвокат Иса сега се залага постарите родители на Ахмед да добијат државјанство „како награда за службата на нивниот син кон заедницата“.
„Ова е можност за премиерот да направи нешто добро како награда за неговата храброст“, порача тој.
Како одговор на неговиот херојски чин, покрената е GoFundMe кампања, во која повеќе од 5.700 луѓе собрале над 570.000 долари за помош на Ахмед. Меѓу донаторите е и американскиот милијардер Бил Акман, кој донирал 100.000 долари.
Премиерот Ентони Албаниз и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, ја пофалија храброста на Ахмед.
„Денес видовме Австралијци кои трчаа кон опасноста за да им помогнат на другите. Тие Австралијци се херои и нивната храброст спаси животи“, изјави Албаниз.
„Мислам дека вреди да се потсетиме дека во сето ова зло, во сета оваа тага, сè уште постојат прекрасни, храбри Австралијци кои се подготвени да ги ризикуваат своите животи за да му помогнат на целосен странец“, додаде Минс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мажот кој се обиде да влезе во имотот на Трамп дигнал пушка во позиција за пукање пред агентите да го убијат
Маж на околу 20-годишна возраст бил убиен откако се обидел нелегално да влезе на имотот на Доналд Трамп во Флорида.
Обезбедувањето го забележало кај северната порта, носејќи пушка и канистер со бензин.
Агентите на тајните служби му наредиле да ги спушти предметите. Мажот го спуштил канистерот, но ја подигнал пушката во положба за пукање.
„Тогаш заменик-шерифот и двајцата агенти го застрелале и ја неутрализирале заканата. Мажот починал на лице место“, кажа Рик Бредшо, шериф на округот Палм Бич.
Сè уште не е јасно колку куршуми биле испукани, а шерифот рече дека тоа е дел од истрагата.
Во моментот, Доналд Трамп бил во Белата куќа, а неговата сопруга Меланија била со него.
Допрва ќе бидат објавени повеќе детали за идентитетот на осомничениот поврзан со инцидентот.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гуглиелми, изјави дека осомничениот е од Северна Каролина. Неговото семејство го пријавило како исчезнат пред неколку дена.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.

