Свет
Црвен аларм во Европа: државите стравуваат од пожари поради топлотниот бран
Делови од Европа зафатени од топлотен бран.
Во 15 градови низ Италија е издаден црвен метеоролошки аларм, пишува Би-Би-Си.
Италијанската влада ги советуваше граѓаните во црвените зони да избегнуваат изложување на сонце денеска во периодот од 11 до 18 часот и посебно да се грижат за старите лица или лицата со лоша здравствена состојба.
Во Грција претходните денови беа забележани температури од 40 степени, а Акропол, една од најпопуларните туристички атракции, во петокот беше затворен поради големите горештини.
Високите температури ги зафатија и централните делови на Европа, а најпогодени се Германија и Полска.
Чешката метеоролошка служба издаде предупредување дека температурите може да се искачат над 38 степени за време на викендот.
Европската вселенска агенција (EСA) соопшти дека Италија, Шпанија, Франција и Германија би можеле да поминат низ екстремни временски услови.
Највисоката температура досега забележана во Европа беше 48,8 степени, измерена на Сицилија во август 2021 година, а синоптичарите велат дека слични температури може да достигнат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рој оси нападнаа израелски војници во Газа, некои добија по стотици убоди
Израелските одбранбени сили соопштија дека 12 војници биле повредени кога биле нападнати од рој оси во јужниот дел на Појасот Газа.
ИДФ вели дека инцидентот се случил во петокот кога тенк ненамерно удрил во осарник, што ги вознемирило инсектите.
Војниците биле пренесени во медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Хашомер, каде што еден е сместен на интензивна нега.
Од болницата велат дека никој не е во опасност.
„Војници со тенк згазнаа на осарник. Осите искасаа 11 војници, кои беа евакуирани за да добијат медицинска помош“, соопшти ИДФ.
Инцидентот во Појасот Газа се случи за време на операција предводена од Јужната бригада во пограничниот регион спроти заедницата Нирим во Израел.
Од Медицинскиот центар „Шеба“ наведуваат дека некои од војниците имале и до сто убодни рани и дека тоа е ситуација со која медицинските работници досега не се соочиле.
Свет
Путин ќе ја посети Кина, ќе се сретне со Шји Џјинпинг
На почетокот на својот петти мандат, рускиот претседател Владимир Путин оваа недела ќе отпатува за Кина во својата прва странска посета.
Се очекува лидерот на Кремљ да пристигне во Пекинг в четврток на покана на кинескиот претседател Шји Џјинпинг и ќе остане до петок, пренесе кинеската државна новинска агенција „Ксинхуа“, а јави германската ДПА.
Изборот на Кина за негова прва дестинација по реизборот во март ги нагласува блиските врски меѓу двете нуклеарни сили и постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Откога Москва ја почна својата инвазија на Украина во 2022 година и воведувањето на западните санкции, Русија е во голема мера меѓународно изолирана.
Сепак, Кина не го осуди нападот и зазеде неутрален став.
Свет
Катарскиот премиер: Преговорите за прекин на огнот во Газа се во ќор-сокак
Разговорите за прекинот на огнот во Газа дојдоа во ќор-сокак поради израелските операции во Рафа, изјави денеска катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани.
Израелските операции во Рафа, кои почнаа овој месец, го затворија главниот влез за хуманитарна помош од Египет до Појасот Газа. Хуманитарните организации предупредуваат дека тоа ја влоши и онака лошата ситуација во палестинската енклава.
„Особено во последните недели видовме дека се постигнува моментум, но, за жал, работите не тргнаа во добра насока и сега сме речиси во ќор-сокак. Се разбира, она што се случи со Рафа нè врати назад“, рече шеикот Мохамед на економскиот форум во Доха.
Катарскиот премиер најави дека Доха ќе продолжи да работи на изнаоѓање решение за мир во Газа. Неговата земја е посредник меѓу палестинското милитантно движење Хамас и Израел.
Шеикот Мохамед рече дека главното несогласување меѓу двете страни е ослободувањето на заложниците и прекинот на борбите.
„Едната страна сака да ги прекине борбите и потоа да зборува за заложници, а другата сака заложници и продолжување на војната. Сѐ додека не се најде заеднички јазик меѓу тие две позиции, нема да дојдеме до решение“, изјави катарскиот лидер.