Регион
Во Црна Гора полицијата приведува и протерува странски државјани, запален бар во турска сопственост
По инцидентот што ја потресе подгоричката населба Забјело во саботата, црногорската полиција приведе десетици странски државјани и спроведува низа проверки, а двајца мажи од Азербејџан и од Турција се уапсени под сомнение за учество во насилството. Во меѓувреме, нападнат е и бар во турска сопственост.
Како што соопшти Полициската управа, уапсени се азербејџанскиот државјанин Ј. Г. (31) и турскиот државјанин Н. Д. (54), осомничени за кривично дело насилно однесување. Според полицијата, тие го нападнале и повредиле жителот на Подгорица М. Ј. пред две ноќи во населбата Забјело.
За време на истрагата, приведени се 45 лица, претежно странски државјани од Турција и од Азербејџан. Сите тие биле предмет на кривична обработка и проверки поврзани со легалноста на нивниот престој во Црна Гора. Полицијата открила неколку неправилности – издадени се седум прекршочни потерници за кршење на Законот за странците, осум лица се протерани од земјата, а на двајца им е наредено да останат и редовно да се јавуваат во полиција додека не се заврши постапката.
Полицијата апелира до граѓаните да останат достоинствени и смирени и да не подлегнуваат на емоции или повици за линч.
„Во секоја заедница има поединци што со своето однесување го нарушуваат јавниот ред и мир, но задача на властите е да ги идентификуваат и гонат ваквите појави во согласност со законот. Полицијата решително продолжува да спроведува мерки за зачувување на довербата на граѓаните, меѓуетничката и меѓуверската хармонија, како и безбедноста на сите во Црна Гора“, се вели во соопштението.
Полицијата исто така најави дополнителни проверки на странци во соработка со Министерството за внатрешни работи, Даночната управа и други надлежни органи со цел да се утврдат сите неправилности поврзани со престојот и деловните активности на странските државјани на територијата на Црна Гора.
Во саботата вечерта тројца турски државјани се забарикадираа во казино во Забјело по што полицијата ги изнесе и приведе двајца од нив. Потрагата по тројцата напаѓачи, кои, според неофицијални информации, се исто така турски државјани, е во тек. Тие се осомничени дека со нож тешко повредиле жител на Подгорица.
Во меѓувреме, ситуацијата дополнително ескалира. Продавница во сопственост на турски државјанин е уништена на булеварот Иван Црноевиќ во Подгорица. Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат скршени излози, запален објект и целосно уништена кујна.
View this post on Instagram
Видеото објавено на фејсбук-страницата „Очи Подгорице“ предизвика бурни реакции од јавноста, а властите истражуваат дали станува збор за чин на одмазда поврзан со инцидентот во Забјело.
Полициската управа објави дека ќе го зголеми надзорот врз престојот на странските државјани и ќе примени бескомпромисни мерки против оние што ги кршат законите на Црна Гора.
„Кога ќе се утврдат неправилности, веднаш ќе се поведат постапки за откажување на престојот и депортација со цел да се зачува безбедноста на граѓаните и да се заштити правниот поредок на државата“, соопшти полицијата.
Државните власти велат дека заедничкото дејствување – од страна на полицијата, Министерството за внатрешни работи, Даночната управа и други институции – ќе ги санкционира сите форми на кршење на законот, но исто така ќе спречи обиди за поттикнување меѓуетнички тензии.
Црна Гора, се вели во соопштението, „останува отворена и безбедна земја за сите што ги почитуваат нејзините закони и институции“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

