Свет
Црна мечка убила жена на остров во Канада
Американска црна мечка убила една жена од Минесота на островот Ред Пајн во канадските територијални води, пренесува „Стар трибјун“
Кетрин Свет-Милер (62) од Мејпл Пејн била во посета на своите родители на изолиран остров Ред Пајн во Дождовното Езеро кога била убиена, соопшти полицијата во Онтарио.
Полицаецот Џим Дејвисвели дека Свет-Милерова излегла во неделата вечерта кога го слушнала лаењето на своите две кучиња, но никогаш не се вратила. Кучињата, од кои едното било повредено, подоцна се вратиле во колибата, а нејзините родители повикале полиција.
При полициската потрага во шумата била видена мечката која стоела над телото на мртвата жена и ја застрелале.
Дејвис не можел да посочи што е причина за нападот, но посочува дека иако властите обично реагираат на жалбите дека мечките ноќе обично буричкаат во кантите за отпадоци, досега не биле пријавени напади на луѓе. Стручњаците наведуваат дека таквите напади се исклучително ретки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Малолетнички измамени со понуди за моделинг и одведени на приватни забави во Дубаи – руските медиуми објавија преписки
Руски тинејџерки ги мамат во Дубаи на забави со шеици, со ветувања за раскошни подароци и милиони долари, пишуваат руските медиуми. „Менаџерите“ на овие малолетни девојки, од кои некои имаат само 16 години, бараат нивни експлицитни фотографии пред заминувањето, со што ја откриваат вистинската цел на патувањето и им нудат совети како да ги измамат своите родители, објавува Lenta.ru.
Се појави преписка помеѓу девојка и „агент за модели“, кој се обидел да ја убеди да оди на патување. Тинејџерката сакала да знае дали нејзиното отсуство на сексуално искуство ќе влијае на цената на услугата, откако тој ѝ ветил 10 илјади долари и алудирал дека клиентот често им дава на жените скапи часовници. Тој ја придружувал пораката со фотографии од дебели купчиња банкноти, луксузни подароци и златни Ролекс часовници.
Девојките им кажуваат на своите родители дека одат во ОАЕ за да работат како модели, а потоа ги замолуваат да потпишат заверени формулари за согласност што им дозволуваат на малолетниците да патуваат во Дубаи. Најчесто, станува збор за девојки од дисфункционални семејства кои не се финансиски стабилни.
Иако овие забави се скриени од јавноста, анонимен украински „агент“ зборуваше за приватни настани во Дубаи за американското списание Vice во текот на 2018 година. Тој рече дека настаните се одржуваат во тајност со дискретен пристап и дека религијата не спречува никого да се забавува. Цената на сексуалните услуги е исто така доста висока поради приватноста. Еден час со жена чини најмалку илјада долари, додека со маж чини околу 500 долари.
Истата година, Екатерина Стетсјук од Русија, тогаш 22-годишна, беше приведена во ОАЕ откако скокна од шестиот кат на хотел во Дубаи. Таа претрпе тешки повреди на ‘рбетот. Таа призна дека скокнала од прозорецот за да избега од 39-годишниот шеик, откако избувнала расправија за време на која тој се обидел да ја избоде.
На крајот, мажот не беше казнет, но Стетсјук беше префрлена од болницата во затвор три дена по операцијата. Подоцна беше постигната спогодба за која таа беше депортирана. Стетсјук пристигна во ОАЕ за да учествува во снимање за моделирање на покана на луѓе што ги запознала на социјалните мрежи.
Таа следела неколку модни агенции, како и профили што рекламирале отворени работни места во странство „за привлечни жени“. Друга девојка, Марија Ковалчук, која заработуваше пари како модел на „Онли фанс“, беше пронајдена повредена во ОАЕ по сличен инцидент.
Таа исчезнала по забава во хотел во Дубаи и била пронајдена од минувачи покрај патот со скршени нозе и скршен ‘рбет. За време на хоспитализацијата, таа била во кома и морала да биде оперирана неколку пати. Подоцна изјавила дека не слушнала за забавите во Дубаи и ја нарекла верзијата на приказната во која е вклучен шеикот измислена.
Таа вели дека навистина била насилно држена во хотелот и тепана, но како виновници именува група млади мажи, пишува Lenta.ru.
Свет
Братот на принцезата Дијана: Интервјуто на „Би-би-си“ директно доведе до нејзината смрт
Братот на принцезата Дијана, грофот Чарлс Спенсер, изјави дека интервјуто што Дијана го дала за „Би-би-си“ во 1995 година директно довело до нејзината смрт. Спенсер повторно проговори речиси три децении по трагедијата, поврзувајќи ја измамата при обезбедувањето на интервјуто со несреќата во Париз во 1997 година.
Неговите тврдења доаѓаат четири години по интерната истрага која утврди дека новинарот Мартин Башир користел измамни тактики за да го добие разговорот со Дијана. Спенсер за People изјави дека во BBC имало високопозиционирани лица кои учествувале во ова и дека токму тоа ја направило Дијана ранлива.
Бившиот приватен секретар на Дијана, Патрик Џефсон, потсети дека Башир покажувал фалсификувани банкарски извештаи и дека тоа ја довело Дијана во „оправдана анксиозност“. Башир лажно тврдел и дека тогашниот принц Чарлс имал афера со дадилката на Вилијам и Хари, придружувајќи ги наводите со измислени документи.
Според Џефсон, измамата имала разорно влијание и ја натерала Дијана да не им верува на службите за безбедност, што ја оставило во рацете на неквалификувани лица.
BBC ја призна својата одговорност и јавно се извини. Истото го направи и Башир, кој повторно изрази жалење што побарал да се фалсификуваат банкарски документи.
Свет
Мртво бебе пронајдено во отпад во Германија
Во постројка за селекција на отпад во германскиот град Бремен утрово е пронајдено тело на мртво бебе, пренесе германскиот портал Stern.de. Телото околу 9:10 часот го забележал вработен кој работел на обработка на отпадот во индустриската пристанишна зона, потврди полицијата.
Новинар на германската новинска агенција ДПА навел дека на локацијата набргу по пронаоѓањето пристигнало возило од погребна служба. Идентитетот на детето, околностите на смртта и информациите за можните родители засега не се познати.
Властите отворија истрага за да утврдат под кои околности бебето завршило во отпадот и дали било живо кога било оставено во контејнерот. Полицијата соопшти дека засега не може да изнесе никакви заклучоци за можно кривично дело.
Местото на настанот се наоѓа во деловна зона на индустриските пристаништа северно од реката Везер. Според снимките од локацијата, станува збор за простор каде што има комерцијален отпад, вклучувајќи градежни материјали и пластика. Во близина се наоѓаат и други индустриски објекти, меѓу кои челичарница и градилиште на тунелот за автопатот А281.

