Свет
Црноморските делфини се жртви во војната во Украина
Руската поморска активност во Црното Море доведе до смрт на илјадници делфини од почетокот на конфликтот, а еден еколог прави сè што може за да алармира за последиците на војната врз дивиот свет во регионот.
Иван Русев, началник на украинскиот истражувачки оддел на националниот парк Tuzly Estuaries, на почетокот на мај на „Фејсбук“ објави за трагичната загуба на уште 100 црноморски делфини во претходниот месец.

„За жал, во текот на април 2023 година повеќе од сто мртви делфини се регистрирани во заливите на Севастопол и другите брегови на окупираниот Крим и блиските Новоросијск, Сочи, Геленџик“, напиша Русев според преводот на американскиот весник „УСА тудеј“ (USA Today).
„Ова е потврда на фактот за активноста на непријателски подморници и подморници во тој дел на Црното Море во близина на Крим и Новоросијск“, напиша Русев.
Ова не е првпат Русев да алармира за тоа што се случува со популацијата на делфини во Црното Море. Во август 2022 година украинскиот биолог рече дека приближно 5.000 делфини умреле како последица на конфликтот.

„Никогаш не сум видел вакво нешто“, изјави Русев за „Киев индипендент“. „Ова е нешто апсолутно ново и застрашувачко за научниците“.
Русев ги обвини руските бродови и подморници стационирани во Црното Море за смртните случаи на делфините тврдејќи дека нивниот сонар влијае на здравјето на животните.
„Делфините паѓаат во зоната на зрачење на навигациските уреди на бродовите, што ги оневозможува нивните органи за навигација и ехолокација“, објаснува тој.

Сонарот е особено опасен за цицачите, како што се делфините, бидејќи тие се потпираат на подводниот звук за навигација, фаќање плен и комуникација со други делфини.
Воениот сонар како нискофреквентен активен сонар (LFA) генерира звучни бранови кои може да патуваат стотици милји под водата и може да доведат до повреди и смрт кај некои животни.
Русев тврди дека сонарот што го користат руските поморски сили ги оштетува акустичните системи на делфините во Црното Море, ги заслепува и ги спречува да јадат.
„Не може да се ориентираат во морето и да ловат риба“, вели Русев, „затоа секој ден губат телесна тежина и им ослабува имунолошкиот систем“.
Русев 40 години ги надгледува бреговите на Украина и никогаш не видел толку смрт и уништување како од почетокот на војната.
„Севкупно, проценуваме дека умреле најмалку 50.000 делфини, а најмногу 100.000“, рече Русев во видеоинтервју за Радио Слободна Европа.
Според украинското Министерство за заштита на животната средина и природните ресурси, во Црното Море живеат околу 253.000 делфини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА
Свет
Словачка го прекина снабдувањето со електрична енергија за Украина
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, побара од операторот на електричната мрежа денес да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ не продолжи.
„Од денес, доколку украинската страна се обрати до Словачка со барање за помош за стабилизирање на украинската енергетска мрежа, нема да добие таква помош“, рече Фицо во соопштението.
Фицо рече дека мерката ќе биде укината штом ќе продолжи транзитот на нафта во Словачка.
Украински беспилотни летала погодија руска пумпна станица што го опслужува клучниот нафтовод „Дружба“ за снабдување на Источна Европа со сурова нафта од Москва, изјави денес украински безбедносен службеник.
Нападот, најновиот во серијата украински напади на трасата, се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Украина и нејзините соседи Унгарија и Словачка, кои го обвинија Киев дека се обидува да го блокира протокот на нафта преку цевководот до нивните рафинерии.
Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, кога Киев објави дека руски напад со беспилотни летала ја погодил опремата на нафтоводот во западна Украина. И покрај речиси четиригодишната војна со Русија, Украина продолжи да го олеснува транзитот на руска нафта преку цевководи низ нејзината територија, иако го запре транзитот на руски гас на почетокот на минатата година.
Унгарија и Словачка се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта не продолжи. Електричната енергија од Унгарија и Словачка сочинува околу 70 проценти од увозот на Украина и е исклучително важна за земјата.
Свет
Во Италија пронајдени белешки на Мусолини од средба со Хитлер
Белешки од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини од средбата со Адолф Хитлер во 1944 година се пронајдени во Ииталија, објавија денес германските медиуми.
Хартијата со белешките, за кои е недвосмислено потврдено дека се на Мусолини, била запленета од специјален тим карабинери пред документот да биде понуден на аукција во Торино. Документот потоа бил префрлен во Државниот архив во Рим. Специјалистите ги окарактеризирале белешките како „документ од исклучително историско значење“.
Тоа е хартија со рачно напишани поглавја за „воени сили“, „политика“ и „економија и труд“, и е документот што Мусолини го користел за време на неговата средба со Адолф Хитлер на 22 април 1944 година, во замокот Клајсхајм во близина на Салцбург.
За потсетување, Бенито Мусолини беше премиер до капитулацијата на Италија во 1943 година. После тоа, Хитлер го назначи за шеф на марионетска фашистичка држава. Италијанските партизани го уапсија Бенито Мусолини во април 1945 година додека се обидуваше да избега во Швајцарија и го застрелаа.
фото/Википедија

