Свет
Четири белгиски партии бараат забрана на прошеријатската Исламистичка партија
Четири белгиски политички партии ги туркаат законите со кои ќе може да ја забранат прошеријатската Партиј ислам пред претстојните општински избори во Белгија, пренесува „Брајтбарт“.
Независната федерална демократска партија (ДЕФИ), десничарското Реформистичко движење (МР), Хуманистичкиот демократски центар (ЦДХ) и Социјалистичката партија (ПС) објавија предлог за забрана на партии чија цел е да се загрозат јавните слободи, што може да ја вклучи и Исламистичката партија, пишува „Лепоан“. Партијата стана озлогласена претходно годинава кога нејзиниот основач, општинскиот советник на Андерлехт Редуан Арух, изјави:
„Нашата цел е стопроцентна исламска држава“.
Тој пдоцна бил отпуштен од работата како возач на автобус поради своите коментари кои вклучувале предлог автобусите во Белгија да се сегрегираат според полот за да се спречи жените да бидат сексуално малтретирани. Предлозите на партијата вклучуваат забрана за потрошувачките кредити, дозвола граѓаните да колат животни во своите домови, ограничување на продажбата на алкохол, забрана на тетовирање и пирсинг и одбивање на решението за две држави во израелско-палестинскиот конфликт тврдејќи дека Палестина е под окупација.
Белгиската „Партиј ислам“ треба да кандидира кандидати во 28 општини на претстојните општински избори во Белгија. Тео Франкен, државен секретар за азил и миграција и член на Новата фламанска алијанса (Н-ВА) ја критикуваше партијата на социјалните мрежи, велејќи:
„Шеријатот ги крши човековите права. Затоа, шеријатските партии се недемократски. Вистински волци преправени во јагниња!“
Иако Партиј ислам тврди дека ќе постигне добар успех во предградието Моленбек во Брисел поради големата муслиманска популација, многумина се скептични, меѓу кои е и градоначалникот на Моленбек, Франсоа Шепман, кој ја опиша партијата како шиитска група.
Локалните избори се први во Моленбек по екот на миграциската криза во 2015 година и по масакрот во „Батаклан“ во Париз во ноември истата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон воведува доброволен воен рок поради руската закана
Францускиот претседател Емануел Макрон во четврток ќе го претстави нов модел на доброволен воен рок, пренесе „Политико“. Проектот не предвидува враќање на задолжителното регрутирање, туку обука што ќе ги насочи доброволците кон активниот состав или резервата.
Потегот доаѓа поради растечката руска закана, а планот има широка политичка поддршка. Елисејската палата соопшти дека за реформата ќе бидат потребни законски измени и дека ажурираниот закон за воено планирање ќе биде претставен до 21 декември.
Франција има цел до 2035 година да формира резервен состав од 105.000 лица, значително повеќе од околу 44.000 во 2024 година.
Свет
Кремљ: Европскиот контрапредлог за мир во Украина е неконструктивен
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го оцени европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како „целосно неконструктивен“.
„На прв поглед, европското дополнување изгледа целосно неконструктивно и не е прифатливо за Русија“, изјави Ушаков.
Тој додаде дека многу точки од првичниот американски план, испратен до Киев минатата недела, се прифатливи, но дека други бараат детална дискусија.
Ушаков изјави дека постојат „некои сигнали“ за организирање средба меѓу руски и американски претставници, но дека конечен договор сè уште нема.
Европските лидери претходно ја изразија загриженоста околу американскиот план од 28 точки, особено поради идејата дека Украина треба да прифати територијални отстапки и намалување на вооружените сили, поради што изготвија свој контрапредлог. По вчерашните разговори во Женева, САД и Украина соопштија дека составиле „ажуриран и доработен мировен рамковен документ“.
Свет
Зеленски и Трамп би можеле да се сретнат oваа седмица
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се сретнат во Белата куќа уште оваа недела за да разговараат за новиот мировен план, тврдат извори запознаени со преговорите. Киев значително го изменил американскиот предлог, отстранувајќи дел од максималистичките барања на Русија.
Првичниот американско-руски план од 28 точки, составен минатиот месец од специјалниот пратеник на Владимир Путин Кирил Дмитриев и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, од Украина барал повлекување од градови под контрола на Киев во Донбас, ограничување на војската и откажување од членството во НАТО.
По неделните преговори во Швајцарија меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, планот бил драстично ревидиран – новата верзија има 19 точки. Киев и европските партнери инсистираат линијата на фронтот да биде почетна основа за територијалните разговори.

