Свет
Чистењето на Белата куќа по заминувањето на Трамп чинело најмалку 127.000 долари

Белата куќа има 132 соби, 35 бањи, 412 врати и 28 камини, а големата акција на чистење била спроведена пред да се вселат Џо и Џил Бајден.
Според владините договори објавени од „Њузвик“, чистењето чинело најмалку 127.000 долари. За тоа се погрижила службата за чистење „Дидлејк“, која вработува лица со попреченост, пренесува „Себиз“.
„Си-ен-ен“ наведува дека вкупните трошоци за чистење може да достигнат дури половина милион долари. „Си-ен-ен“ открива посебни договори, вклучително и договор со компанија за услуги за дезинфекција од Ковид-19 во Белата куќа, што чини околу 29.000 долари.
Другите договори, за коишто не е конкретно кажано дека се поврзани со доаѓањето на семејството Бајден, вклучуваат дополнителни 44.000 долари за чистење килими, 115.000 за обнова на подот и 30.000 за чистење завеси, пренесува „Си-ен-ен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Еден загина откако се урнаа два воздушни балони над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија

Два воздушни балони се урнаа во централна Турција, при што загина најмалку едно лице, а 19 се повредени, јави турската државна телевизија ТРТ.
Загинатиот бил еден од лицата што управувале со балоните.
Несреќата се случила при лет над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија, која е позната по балонските летови и живописниот пејзаж.
Свет
Израел испрати предупредување за евакуација

Израел започна нови напади насочени кон нуклеарната програма на Иран, а Иран возврати со ракетни напади во кои загинаа најмалку осум лица во Израел, третиот ден од невидена воена ескалација меѓу двете непријателски земји.
Иранскиот министер за надворешни работи се обрати до јавноста. Абас Арагчи рече дека одговорот на Иран на израелските напади бил чин на самоодбрана.
Тој додаде дека израелските напади, кои беа извршени први, не би биле можни без одобрение од САД. Вашингтон, рече тој, треба да ги осуди израелските напади врз нуклеарните постројки на Иран, додавајќи дека разговорите со САД можеле да доведат до договор.
Но, Израел, тврди тој, сакал да ги саботира тие преговори, кои САД ги сметале за клучни за ограничување на нуклеарната програма на Иран. Тој, исто така, изјави дека Иран не сака да ја прошири војната, освен ако не е принуден да го стори тоа.
Портпаролот на израелската војска издаде предупредување за евакуација до сите ирански граѓани во близина на воени објекти. Авичај Адрае објави „итно предупредување до сите ирански граѓани“ на социјалните мрежи.
„Сите лица што моментално или наскоро ќе се наоѓаат во или околу објектите за производство на воено оружје и сродните институции мора веднаш да ги напуштат тие области и да не се враќаат додека не се издаде понатамошно известување“, напиша тој.
Свет
Трамп: Секоја друга земја ги слави своите победи, време е и САД да почне да го прави тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп, во говор за време на воената парада во Вашингтон по повод 250-годишнината од основањето на американската војска, ја одбрани својата одлука за организирање на настанот, истакнувајќи дека парадата е прослава на војската, и покрај критиките дека станува збор за личен спектакл поврзан со неговиот 79-ти роденден.
– Секоја друга земја ги слави своите победи. Време е и САД да почне да го прави тоа, рече Трамп.
Тој ја опиша американската војска како „најстариот огранок на најголемата борбена сила што човештвото некогаш ја познавало“ и испрати предупредување до глобалните противници: „Американските непријатели постојано учат – ако го загрозите американскиот народ, нашите војници доаѓаат по вас. Вашиот пораз ќе биде сигурен. Вашиот крај конечен. Вашиот пад целосен и потполн“.
Нашите војници никогаш не отстапуваат, никогаш не се предаваат и никогаш не попуштаат. Тие се борат, борат, борат – и победуваат, победуваат, победуваат, додаде американскиот претседател.
Тој изрази благодарност до припадниците на вооружените сили и ветераните. – Благодарение на нивната извонредна служба и посветеност, 250 години – Америка стои исправено, Америка стои гордо и Америка стои слободно, истакна Трамп.
Парадата, во која учествуваа над 6.000 војници, 150 воени возила и 50 авиони, вклучуваше воздушен спектакл, коњичка единица и завршен падобрански скок со американското знаме пред Трамп.