Свет
„Шарли ебдо“ го користи пожарот во Нотр Дам за критикување на Макрон
Сатиричното француско списание „Шарли ебдо“ повторно предизвика контроверзност откако на најновата насловна страница го прикажа францускиот претседател, Емануел Макрон, измешан со запалената катедрала Нотр Дам, пренесува „Ил џорнале“.
На насловната страница на списанието е прикажан ликот на францускиот лидер на кого косата му е средена како фасадата на запалениот Нотр Дам, и оди со насловот „Реформи”, а Макрон вели: „Ќе почнам со структурата”.
Референцата има двојно значење во тоа што ги следи коментарите на францускиот претседател за обнова на катедралата Нотр Дам по трагичниот пожар во понеделникот вечерта, кој предизвика огромна штета на структурата и го уништи вековниот покрив.
Таа исто така се однесува и на актуелните проблеми со кои се соочи Макрон поради „жолтите елеци“, кои секоја сабота од 17 ноември минатата година протестираат против неговата политика и бараат сериозни реформи, вклучувајќи го и воведувањето Референдуми иницирани од граѓаните (РИЦ) за да се дозволи гласачите да носат и да укинуваат закони.
Прашањето за РИЦ стана централен фокус на движењето „Жолти елеци“, а некои анкети покажаа дека има масовна поддршка низ цела Франција, а истражувањето објавено во јануари, открива дека 80 отсто од Французите го поддржале овој концепт.
Макрон, исто така, вети реформи и спроведе „Голема дебата” во последните неколку месеци иако анкетите покажуваат дека мнозинството Французи се многу скептични дека неговата влада ќе ги слушне нивните одговори на тоа.
Не е првпат „Шарли ебдо“ да го нападне Макрон. Во првите денови по неговата претседателска победа во 2017 година, списанието објави насловна страница со Макрон и неговата многу постара сопруга Бригет, која е бремена, под насловот „Тој ќе прави чуда!”
Таа насловна, како и многу нивни насловни претходно, предизвика контроверзии, па некои француски корисници на социјални мрежи го обвинија списанието за сексизам.
Иако сатирата честопати доведе до сериозни критики за „Шарли ебдо“, таа, исто така, доведе и до трагедија во 2015 година кога радикалните исламистички терористи ги нападнаа канцелариите на списанието, при што загинаа 12 членови на редакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

