Свет
Шведската опозиција бара одговори за наводната шпионажа на САД
Во неочекуван сојуз, Левицата и шведските демократи, кои ги претставуваат спротивните краеви на шведскиот политички спектар, се здружија во барањето одговор од владата за наводната шпионажа на САД, пренесува „Спутник“.
Данското радио претходно објави извештај за укажувачи од Одбранбената разузнавачка служба на земјата (ФЕ) за шпионирањето на Националната агенција за безбедност на САД (НСА) против данската, норвешката и шведската одбранбена индустрија преку пристап до Центарот за податоци на островот „Амагер“ крај Копенхаген. Оттаму, НСА, наводно, го таргетирала интернет-сообраќајот од министерствата и одбранбените компании, како данската „Терма“ и шведската „Сааб“.
Според дански извори, шпионажата се случила во исто време кога данската држава ја почнала последната рунда набавки на борбени авиони, во која претендент бил „грипен“ на „Сааб“. Данската држава на крајот купи 27 борбени авиони „Ф-35“ произведени во САД.
Пратеникот на Левицата, Хакан Свенилинг, ја праша министерката за надворешни работи од редовите на социјалдемократите, Ен Линд, какви мерки презеле министерот и владата воопшто во врска со пријавената шпионажа, а пратеникот од Демократската партија во Шведска, Бјорн Содер, побара одговор од министерот за одбрана, Петер Хултквист.
„Ова можеби влијаеше на шведската одбранбена индустрија на многу негативен начин и мора да се разјасни“, објасни Шодер за националниот радиодифузер СВТ нагласувајќи дека владата многу бавно дејствува.
Како одговор министерот за внатрешни работи од редовите на социјалдемократите, Микаел Дамберг, истакна дека владата ја чека истрагата на Данска и дека тој не може да ја коментира точноста на информациите што се појавија во медиумите.
„Од друга страна, се разбира, јас и соодветните шведски власти со голем интерес ја следиме данската истрага“, рече Дамберг уверувајќи дека владата многу сериозно ги сфаќа сите форми на шпионажа против Шведска.
Норвешка претходно почна разговори со Данска во врска со обвинувањата за шпионажа на ниво на министри за одбрана. Според данското радио, НСА го користела центарот за податоци „Амагер“ со неговиот систем Xkeyscore, што го открил свиркачот Едвард Сноуден во 2013 година и што е клучна карактеристика на целиот апарат за пресретнување на НСА. Програмата овозможува голема количина податоци преку фибер-каблите да се просејуваат со помош на клучни зборови, како што се имиња на луѓе на врвни позиции во целните организации.
Основана во 1937 година, „Сааб АБ“ е една од водечките шведски компании за одбрана. Помеѓу 1947 и 1990 година служеше како матична компанија на реномираниот производител на автомобили „Сааб аутомобиле“.
Нејзиниот главен фокус, сепак, се борбени авиони, борбено оружје, ракетни системи, торпеда, сензорски системи и подземни возила без екипаж, како и решенија за надзор од воздух, радари и средства за електронска борба. Со речиси 17.000 вработени, „Сааб“ се смета за столб на шведскиот воено-индустриски комплекс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА
Свет
Убиени и ќерката, зетот и внукот на ајатолахот Али Хамнеи, јавуваат иранските медиуми
Ќерката, зетот и внукот на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, се убиени во нападите, соопшти новинската агенција “Фарс“, која е поврзана со Корпусот на Исламската револуционерна гарда, повикувајќи се на „добро информирани извори“ во канцеларијата на врховниот лидер, објави вечерва „Би-Би-Си“.
„Фарс“, исто така, соопшти дека „една од снаите на ајатолахот Хамнеи е исто така убиена во нападите“.
Извештаите за смртта на снаата и зетот на Хамнеи претходно циркулираа, но подоцна беа демантирани.
Иранските власти сè уште официјално не ја потврдија смртта на самиот врховен лидер на Иран.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.

