Свет
Шефот на НАТО го открива планот за Украина, Зеленски не е задоволен: „Покана за членство би била уште подобра вест“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, одржаа брифинг со новинарите, на кој генералниот секретар на НАТО објави пакет од три дела за доближување на Украина до алијансата.
„Сега се договоривме за пакет од три дела што ја приближува Украина до НАТО. Повеќекратна програма за практична помош, формирање нов совет НАТО – Украина и реафирмација дека Украина ќе стане членка на НАТО и отстранување на условот за акциски план за членство“, изјави шефот на НАТО.
„Пакетот за поддршка на одбраната е позитивна вест, но поканата за НАТО би била оптималниот резултат“, рече Зеленски. Тој му се заблагодари на НАТО за трите пакети со помош и рече дека разговарал што повеќе може да се направи за да му се помогне на својот народ.
„Имаме позитивни вести за новиот пакет за поддршка на одбраната, кои доаѓаат од нашите партнери. Сакам да ви изразам благодарност, Јенс“, додаде тој обраќајќи му се на шефот на НАТО.
Украинскиот претседател рече и дека е разбирливо Украина да не може да стане полноправна членка на НАТО додека трае војната со Русија додавајќи дека тоа е апсолутно јасно.
„Јасно разбираме дека нашите партнери ни помагаат во членството и ова е момент на опстанок и разбираме дека некои сега се плашат да зборуваат за нашето членство затоа што никој не е подготвен да води светска војна, што е логично“, рече Зеленски.
Тој додаде дека сојузниците му помагаат на Киев со оружје и дека Украина е свесна за тоа, а сигналите за членство во НАТО спомнати на билатералните средби на самитот се важни.
Сепак, Столтенберг посочи дека НАТО и Украина се поблиски од кога било.
„Се радувам на денот кога ќе се сретнеме како сојузници. Сега главната задача е да се осигури дека Украина има доволно оружје“, му рекол Столтенберг на Зеленски, без да прецизира кога Украина ќе стане членка на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Свет
Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз Украина
Украинската противвоздушна одбрана соборила 64 од 85-те дронови што Русија синоќа ги лансирала, соопштија утрово Воздухопловните сили (ВВС) на Украина.
Беспилотни летала биле уништени над северниот, јужниот и источниот дел на земјата. Регистрирани се 20 погодоци на 13 локации, се вели во соопштение објавено на социјалните мрежи.
Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз 33 населени места во југоисточната Запорошка област, ранувајќи три лица, соопшти во меѓувреме денеска раководителот на регионалната воена администрација Иван Федоров.
Министерството за одбрана на Руската Федерација, од своја страна, соопшти за 26 соборени украински дронови од синоќа.
Речиси две третини од овие беспилотни летала, 17 биле уништени над Брјанската област која граничи со Украина. Над западната Смоленска област биле соборени седум дронови, а над Белгородската област, која граничи со Украина, и над окупираниот полуостров Крим по еден.
Во меѓувреме, во западната Орловска област беше прогласена опасност за авијацијата.
Свет
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.

