Свет
Шефот на ОН: Американскиот напад може да доведе до катастрофални последици
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го прогласи американскиот напад врз Иран за „опасна ескалација во регион кој веќе е на работ“, нагласувајќи дека тоа е директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
„Постои се поголем ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“, рече Гутереш.
„Во овој опасен момент, клучно е да се избегне вител на хаос. Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“, нагласи функционерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Северна Кореја тестира крстосувачки ракети со долг дострел
Северна Кореја соопшти дека испалила стратешки крстосувачки ракети со долг дострел во морето за да го тестира нуклеарното одвраќање на земјата, само неколку дена откако покажа очигледен напредок во изградбата на својата прва нуклеарна подморница, објави AP News.
Лансирањата се најновото прикажување на оружје од страна на Северна Кореја пред планираниот конгрес на владејачката Работничка партија на почетокот на следната година. Вниманието на меѓународната јавност е насочено кон тоа дали севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ќе воспостави нови приоритети во односите со Соединетите Американски Држави и ќе одговори на повиците на Вашингтон за продолжување на долго прекинатите разговори.
Официјалната Корејска централна новинска агенција (KCNA) објави дека Ким изразил „големо задоволство“ од лансирањата од западниот брег на земјата. Ким е цитиран дека тестирањето на сигурноста на нуклеарното одвраќање на Северна Кореја и демонстрирањето на нејзината моќ е „само одговорно остварување на правото на самоодбрана и одвраќање од војна“.
Свет
Украина: Русите измислија напад врз резиденцијата на Путин, имаат две причини за тоа
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека руските тврдења за наводниот „обид за напад врз резиденцијата на Путин“ се измислени и служат единствено како изговор за нови напади врз Украина и поткопување на мировниот процес.
„Руските манипулации околу наводниот обид за напад врз резиденцијата на Путин беа измислени само од една причина: да се создаде причина и лажно оправдување за понатамошни руски напади врз Украина, како и да се поткопа и наруши мировниот процес“, напиша Сибиха на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека тоа е вообичаена руска тактика.
„Вообичаена руска тактика: да се обвини другата страна за она што го прави или планира да го направи“, рече Сибиха.
Украинскиот шеф на дипломатијата, исто така, наведе неколку факти.
„Прво, Русија веќе ја нападна зградата на украинската влада оваа година. Второ, Украина ги таргетира само легитимните воени цели на руска територија, како одговор на руските напади врз Украина. Трето, Русија е агресор, а Украина е земја која е нападната и која се брани во согласност со член 51 од Повелбата на ОН. Не може да има лажна еднаквост помеѓу агресор и земја која се брани“, рече Сибиха.
Конечно, тој ја повика меѓународната заедница да реагира.
„Го повикуваме светот да ги осуди провокативните руски изјави насочени кон попречување на конструктивниот мировен процес. Украина останува посветена на мировните напори предводени од Соединетите Американски Држави, со учество на европските партнери“, рече Андриј Сибиха.
Регион
БиХ го легализира медицинскиот канабис
Босна и Херцеговина денес ја легализираше употребата на канабис, придружувајќи се на голем број земји кои одобрија употреба на ова растение за ублажување на симптомите на сериозни болести, објави Министерството за граѓански работи на Босна и Херцеговина.
Советот на министри на БиХ ги измени прописите за наркотични дроги, преместувајќи го канабисот од категоријата забранети супстанции во категоријата супстанции под строга контрола, со што го хармонизираше законодавството со меѓународните стандарди. Оваа промена следеше по препораките на Комисијата на Обединетите нации за наркотични дроги и Светската здравствена организација, кои во 2020 година го сместија канабисот во категоријата супстанции со признати медицински својства.
Според новата регулатива, производството, трговијата и поседувањето канабис ќе бидат дозволени само во форма на фармацевтски препарати со лекарски рецепт, а Агенцијата за лекови и медицински помагала на Босна и Херцеговина ќе биде одговорна за надзор на целиот процес, од увоз до употреба од страна на пациентите.
Оваа мерка не значи либерализација на пазарот, туку воспоставување јасна, безбедна и надгледувана рамка за медицинска употреба на канабис.
Иако медицинската употреба на канабис досега беше забранета во Босна и Херцеговина, препаратите што содржат канабиноиди често се продаваа на нелегалниот пазар, без следење на квалитетот и безбедноста.
Одлуката доаѓа по повеќе од една деценија административен процес и усогласување со меѓународните препораки. Босна и Херцеговина сега го следи примерот на други земји каде што лековите базирани на канабис веќе се дозволени за ублажување на симптомите на болести како што се мултиплекс склероза, рак, СИДА и епилепсија.
фото/депозитфотос

