Свет
Шефот на ОН за нападот врз браната: Ова е монументална хуманитарна, економска и еколошка катастрофа
Обединетите нации немаат никакви независни информации за уништувањето на украинската брана, изјави генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, опишувајќи го настанот како „уште една катастрофална последица од руската инвазија на Украина“.
„Нападите врз цивилите и критичната цивилна инфраструктура мора да престанат. Мораме да дејствуваме за да обезбедиме одговорност и почитување на меѓународното хуманитарно право“, им рече Гутереш на новинарите.
Водата ја проби огромната брана на реката Днепар која ги дели руските и украинските сили во јужна Украина и поплави дел од воената зона, принудувајќи ги жителите да избегаат.
И Украина и Русија побараа од Советот за безбедност на ОН да одржи дискусија за уништување на браната. Украина ја обвини Русија за „еколошки и технолошки чин на тероризам“, додека Русија го опиша настанот како „саботажа извршена од Украина“.
Гутереш го опиша уништувањето на браната како монументална хуманитарна, економска и еколошка катастрофа.
„Најмалку 16.000 луѓе веќе ги загубија своите домови и резервите на безбедна и чиста вода за пиење за илјадници други се загрозени“, рече Гутереш, додавајќи дека ОН координираат со Украина за испраќање помош, вклучително и вода за пиење и таблети за прочистување на водата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вдовицата на првата жртва од Чернобил загина во рускиот напад врз Киев
Наталија Ходемчук, вдовицата на Валериј Ходемчук, првата жртва на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, почина во Киев од тешките повреди здобиени за време на масовниот руски напад во ноќта меѓу 14 и 15 ноември.
Државната агенција за управување со забранетата зона соопшти дека Ходемчук (73) била тешко повредена кога дрон погодил станбена зграда во реонот Троешчина, при што нејзиниот стан целосно изгорел, пренесува „Киев Индипендент“.
Таа била пренесена во Центарот за изгореници, но лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Со нејзината смрт, бројот на загинатите во ракетниот и дрон-нападот врз Киев на 14 ноември се искачи на седум, а најмалку 36 лица беа ранети. Штета е нанесена во девет реони на украинската престолнина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во објава на социјалната мрежа „Х“ ја коментираше нејзината смрт, оценувајќи ја како „нова трагедија предизвикана од Кремљ“.
„Украинците кои го преживеаја Чернобил, кои помогнаа земјата да се обнови по таа катастрофа, повторно се соочуваат со опасност – со теророт на агресорската држава“, истакна Зеленски.
Нуклеарната несреќа во Чернобил се случи на 26 април 1986 година, во време кога Украина беше дел од Советскиот Сојуз. Несреќата во Чернобил и денес се смета за најтешка нуклеарна катастрофа во историјата на нуклеарната енергетика според бројот на цивилни жртви.
Валериј Ходемчук загина веднаш по експлозијата во нуклеарната електрана и се смета за првата жртва на катастрофата. Неговото тело никогаш не беше пронајдено.
Споменикот на Ходемчук е вграден во саркофагот на нуклеарната електрана во Чернобил.
Свет
Русија го зголемува ДДВ-то на 22% поради забавување на економијата
Русија ќе го зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ) од 20% на 22% од 1 јануари, како дел од мерките за стабилизирање на државниот буџет по забавување на економијата. Владата прогнозира дека ова ќе донесе дополнителни 1 трилион рубли (10,8 милијарди евра) во државните приходи, откако економијата порасна само 1% во 2025 година, по раст од над 4% во 2023 и 2024 година.
Промените ќе ги погоди и малите и средни бизниси. Во моментов, компании со приходи до 60 милиони рубли (околу 645.000 евра) се ослободени од ДДВ, но овој праг постепено ќе се намали на 10 милиони рубли (107.000 евра) до 2028 година. Мали продавници, салони за убавина и други локални бизниси се загрижени дека нема да можат да го издржат дополнителниот финансиски притисок.
Дополнително, владата предложи зголемување на даноците на алкохол, пиво, вино, цигари и електронски цигари како дел од својата стратегија за зголемување на приходите.
Економското забавување и зголемувањето на даноците се знаци дека Путин и обичните Руси веројатно ќе се соочат со избор помеѓу „оружје и путер“ во наредните месеци, како што објавува Асошиејтед Прес – односно, помеѓу воените трошоци и благосостојбата на потрошувачите.
Свет
Индија уапси жител на Кашмир поради експлозија на автомобил во Делхи
Федералната антитерористичка агенција на Индија го уапси Амир Рашид Али од Кашмир, кој е обвинет за заговор со наводниот бомбаш-самоубиец Умар Ун Наби, жител на Пулвама, за експлозијата во Делхи минатата недела. При нападот загинаа осум лица, а најмалку 20 беа повредени.
Националната истражна агенција соопшти дека Али дошол во Делхи за да го олесни купувањето на автомобилот користен како „импровизирана експлозивна направа“.
Запленети се и други возила за испитување, а се испитани 73 сведоци, вклучувајќи ги и повредените.
Владата го третира инцидентот како „терористички напад“ и најави дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Експлозијата се случи пред историската Црвена тврдина и е прва ваква во Делхи од 2011 година.

