Свет
Шефот на Хамас пристигна во Каиро на преговори за Газа
Шефот на Хамас, Исмаил Ханија, денеска, пристигна во Каиро, соопшти палестинската исламистичка организација, а информиран извор потврди за „Ројтерс“ дека се водат интензивни преговори за размена на заложници за палестински затвореници меѓу Израел и Хамас со посредство на Катар и Египет.
Според медиумите, Израел понудил прекин на огнот во Газа најмалку една недела како дел од преговорите за ослободување дополнителни заложници од енклавата, потсетува ДПА. Ханија, кој живее во Катар, пристигна „во египетската престолнина на разговори со египетските власти за развојот на ционистичката агресија во Појасот Газа и голем број други прашања“, се вели во соопштението цитирано од агенцијата АФП.
И Хамас и Израел дадоа повеќекратни сигнали за можноста да се постигне ново затишје во борбите во Газа. Вчера, израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарна пауза во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците.
„Израел е подготвен за нова хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се олесни ослободувањето на заложниците“, изјави тој пред дипломатите, според портпаролот. Интернет-порталот ‘Аксиос’ вчера објави, повикувајќи се на двајца израелски официјални лица и познат извор, дека Израел очекува Хамас за возврат да ослободи повеќе од триесет заложници.
Што нудат Израелците?
Предлогот на Израел за најмалку еднонеделно примирје во замена за ослободување 40-ина заложници беше посредуван од Катар, пишува „Аксиос“. Другите жени, мажи над 60 години и други заложници, кои сѐ уште се во Газа и се болни или тешко ранети и на кои им е потребна итна медицинска помош – ќе бидат ослободени, објави порталот.
Тоа е прв предлог на Тел Авив откако минатиот месец истече еднонеделниот договор за прекин на огнот, објави „Аксиос“. За време на тоа примирје беа ослободени 105 заложници, а Израел за возврат ослободи 240 Палестинци од своите затвори.
Медиумите во понеделникот објавија дека Дејвид Барнеа, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, ги информирал директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и катарскиот премиер Абдулрахман ал-Тани во Варшава за новите преговори со Хамас.
Хамас, која Израел, САД и неколку други земји ја сметаат за терористичка организација, претходно најави дека не сака да преговара доколку Израел не ги прекине своите воени операции. Според израелските проценки, најмалку 109 заложници сѐ уште се во Појасот Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

