Свет
Шокантно откритие на ФБИ: Џозеф и Хантер Бајден добиле 10 милиони долари од украински олигарх
Републиканскиот сенатор Чак Грасли објави документ од шпион на ФБИ, во кој се наведува дека украинскиот олигарх платил 10 милиони долари на американскиот претседател Џо Бајден и неговиот син Хантер.
Во 2016 година сопственикот на гасната компанија „Буризма холдингс“, Никола Злочевски, му кажал на шпион на Федералното истражно биро дека бил принуден на Бајден и на син му да им плати по пет милиони долари, пишува „Њујорк пост“.
„Злочевски коментира дека иако Хантер Бајден е глупав, а неговото куче е попаметно, тој морал да го држи Хантер во одборот на ‘Буризма’ за сè да биде во ред“, се вели во документот на ФБИ од јуни 2020 година.
Украинецот додаде дека и Хантер и Џо наводно му рекле дека мора да го задржи помладиот Бајден во управниот одбор на неговата компанија.
Злочевски во разговорот со американскиот шпион рече дека има 17 снимки од разговори со Бајденови, како и многу пораки и два документа, што ги поткрепуваат неговите обвинувања.
Според него, овие докази покажуваат дека тој „на некој начин бил принуден да им плати на Бајден за да се осигури дека украинскиот државен обвинител Виктор Шокин е отпуштен“.
Тој додаде дека не испратил никакви средства на „големиот човек“, односно Џо Бајден, велејќи дека на истражителите ќе им требаат 10 години за да ги откријат нелегалните трансфери на пари.
Бајден јавно призна во 2018 година дека искористил 1 милијарда долари за да го принуди Шокин да поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, што се случи во март 2016 година, според американскиот весник.
Вработувањето на Хантер Бајден во „Буризма“ беше главна вест во САД во 2019 година кога тогашниот претседател Доналд Трамп беше отповикан поради притисок врз украинските власти да ги истражат таткото и синот Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

