Свет
Шолц: Нема да дозволиме да и’ се наметне мир на Украина, ниту одвојување на европската и американската безбедност

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска се обрати на Минхенската безбедносна конференција, при што ја истакна важноста од зачувување на европската и американската безбедносна соработка.
„Нема да прифатиме никакво решение што би довело до одвојување на европската и американската безбедност. Од тоа би имал корист само претседателот Путин“, рече Шолц.
Тој додаде дека Европа ќе дејствува одлучно и обединето на претстојните преговори.
Шолц истакна дека мирот во Украина може да биде траен само доколку се гарантира украинскиот суверенитет.
„Ќе има мир само ако се обезбеди украинскиот суверенитет. Наметнатиот мир никогаш нема да ја добие нашата поддршка“, рече тој.
Зборувајќи за идната безбедност, Шолц нагласи дека сојузниците на Киев мора да помогнат во зајакнувањето на украинските вооружени сили за да се спречат нови руски напади.
„Во повоени времиња, Европа, САД и меѓународните партнери ќе имаат одговорност да го обезбедат тоа. Сите безбедносни гаранции мора да се засноваат на ова“, додаде Шолц.
Шолц се осврна и на зајакнувањето на европската одбранбена индустрија, притоа нагласувајќи дека Германија нема да се откаже од трансатлантската воена соработка.
„Ќе продолжиме да купуваме американска воена опрема, иако градиме силна европска одбранбена индустрија“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Брнабиќ: Рокот за формирање нова влада е 18 април на полноќ, констатирана е оставката на Вучевиќ

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека рокот за формирање на нова влада почнува утре, 20 март и изјави дека, според законот, новата влада треба да биде формирана до 18 април на полноќ.
Брнабиќ рече дека доколку до 18 април на полноќ не се формира нова влада, претседателот е должен да го распушти Парламентот и да распише парламентарни избори.
Таа на прес-конференција во српското Собрание, по седницата на која беше констатирана оставката на премиерот Милош Вучевиќ, рече дека со констатацијата на оставката во парламентот и официјално е завршен мандатот на владата.
„Српскиот парламент, согласно член 132 од Уставот, ја призна оставката на премиерот, а со тоа и официјално заврши мандатот на Владата на Милош Вучевиќ. Од утре, 20 март, почнува рокот за формирање нова влада“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека, според Уставот, процедурата сега ја презема претседателот на Републиката, кој треба да предложи нов мандатар.
„Крајниот рок за формирање нова влада е 18 април на полноќ. Вучиќ треба да предложи мандатар, а мандатарот на Собранието да ја предложи програмата на новата влада и предлогот на членовите, по што пратениците ќе се изјаснат за своите ставови“, изјави Брнабиќ.
Таа посочи дека доколку до тој рок не се избере нова влада, претседателот е должен да го распушти Собранието и да распише избори.
Како што наведе таа, изборите треба да се одржат 45 до 60 дена од денот на распишувањето, што во овој случај би било почетокот на јуни.
Регион
Пленковиќ: Можеме да обезбедиме дополнителна помош доколку македонските пријатели проценат дека им е потребна

„Најпрво да изразиме сочувство до семејствата и до Македонија за оваа голема трагедија во Кочани. Досега пет пациенти се префрлени од Северна Македонија во Хрватска“, рече премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.
Како што рече остануваат подготвени и можат да помогнат да обезбедат дополнителна помош доколку македонските пријатели проценат дека им е потребна.
„Попладнево во Загреб ќе престојува и министерот за надворешни работи и заедно со министерот Хрстиќ ќе ги посети пациентите“, додаде Пленковиќ.
Регион
Пукање во Загреб: Маскирани напаѓачи застрелале маж додека одел во кафуле и побегнале со мотор

Загрепската полиција потврди дека во средата околу 08:35 часот во загрепска Дубрава со огнено оружје бил повреден 57-годишен маж, а неофицијално се работи за бизнисмен, еден од обвинетите на УСКОК за затајување данок при увоз на луксузни автомобили, пренесуваат медиумите во регионот.
„По пријава дека денеска, 19 март, околу 08.35 часот во Дубрава, маж имал повреда на долните екстремитети, најверојатно како последица од прострелна рана дојавата е потврдена по пристигнувањето на полициски службеници на местото на настанот“, објави полицијата.
Оттаму додаваат дека е утврдено дека станува збор за 57-годишен маж на кого му била укажана лекарска помош и дека нема опасност за други лица.
На местото на настанот се утврдуваат сите околности, соопштија кусо од полицијата.
Според „Јутарњи лист“, мажот бил застрелан додека одел на кафе во маалско кафуле. Маскиран маж му пришол одзади и му пукал во нозете, по што побегнал. Полицијата се сомнева дека го чекал соучесник на моторот со кој двајцата избегале, пишува медиумот.