Свет
Што значи делумната мобилизација на Путин
На почетокот на својот говор Путин рече дека Западот сака да ја уништи Русија и дека се работи за одбрана на земјата.
Во следниот момент тој најави делумна мобилизација и рече дека настаните поврзани со мобилизацијата ќе почнат на 21 септември.
„Потенцирам дека тоа е делумна мобилизација. Мобилизацијата почнува денеска, 21 септември. На Русите што ќе бидат мобилизирани ќе им бидат дадени сите поволности и гаранции“, рече Путин и наведе дека мобилизираниот персонал ќе добие и дополнителна обука.
Половина час по Путин, министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, ѝ се обрати на нацијата и појасни дека ќе бидат мобилизирани 300.000 војници.
Како што пишува „Индекс“, делумната воена мобилизација е поим што се користи практично во целиот свет, но може да се разликува од земја до земја во одредени аспекти.
Во случајот со Русија, исто како што рече Путин, делумната воена мобилизација значи дека резервистите ќе бидат повикани во армијата и тој процес почнува веднаш. Резервистите се резервни војници во секоја земја, а всушност тоа се луѓе што завршиле со служење војска.
Во Русија воената служба сè уште е официјално задолжителна и трае 12 месеци. Тоа е задолжително за сите мажи на возраст од 18 до 27 години. Исто така, избегнувањето на воениот рок се казнува со затвор до две години.
Шојгу изјави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти, од 25 милиони со кои, како што рече, Русија располага.
Најавата на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација следува по потегот на долниот дом на рускиот парламент, државната Дума, во вторникот за измена на законот за воена служба заострувајќи ги казните за прекршување на воената служба – како дезертерство и затајување, пишува Си-ен-ен.
Предлог-законот предвидува затворска казна до 15 години за избегнување служење или кршење службена воена наредба.
Пратениците и сенаторите на државната Дума подготвија и измени на Кривичниот законик предлагајќи затворска казна до пет години за уништување или невнимателно оштетување на оружје и воена опрема за време на војната, објави државната новинска агенција „РИА новости“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
На минусни температури, 6.000 згради во Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад
Речиси 6.000 згради во украинската престолнина Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад, изјави градоначалникот на градот, Виталиј Кличко, цитиран од Укринформ.
Температурите во градот утрината паднаа на минус 12 степени.
Во меѓувреме, стотици илјади жители во регионот Чернигов останаа без електрична енергија како резултат на истиот напад, објави регионалната енергетска компанија Черниговбленерго.
Според нејзините податоци, клучната енергетска инфраструктура во близина на градот Нижин е оштетена.
Во исто време, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига изјави дека Владимир Путин цинично наредил ракетен напад од големи размери врз Украина во услови на преговори меѓу Украина и Русија во Абу Даби, со посредство на САД.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.
Свет
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата на своето источно крило, како и да создаде нова одбранбена зона базирана на роботизирани и автоматизирани технологии, објави ДПА.
Мерките имаат за цел да го зајакнат ефектот на одвраќање против Русија, изјави бригадниот генерал Томас Ловин за неделното издание на германскиот весник „Велт“.
Според новиот, повеќеслоен одбранбен концепт, НАТО ќе се стреми да го забави или запре потенцијалниот противник во рана фаза користејќи високотехнолошки системи.
Ќе биде изградена зона по должината на границите на алијансата со Русија и Белорусија која во голема мера ќе се потпира на надзор, како и на далечински контролирани или полуавтоматизирани системи. Секој напаѓач прво ќе мора да ја надмине оваа зона пред да може да напредува понатаму.
Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Копнената команда на НАТО во Измир, објасни дека надзорот на источното крило ќе се врши преку системи за собирање податоци на земја, во воздух, во вселената и во дигиталниот простор. Овие информации ќе им бидат доставени на сојузниците во реално време. За таа цел може да се користат и стационарни и мобилни средства – радар, акустични и оптички сензори, како и податоци од сателити, беспилотни летала и извидувачки авиони.
НАТО планира да воспостави таканаречена жешка зона веднаш по границите, чија задача ќе биде да ги запре или забави напаѓачите во почетната фаза. Во неа може да бидат распоредени вооружени беспилотни летала, полуавтономни борбени возила, роботизирани системи и автоматизирани средства за воздушна одбрана. Ловин нагласи дека луѓето ќе ја задржат водечката улога во одлуките за употреба на сила, во рамките на меѓународните правила и етички стандарди.

