Свет
Што се’ денес договорија САД, Русија и Украина
САД денеска постигнаа договор со Украина и Русија за прекин на огнот во Црното Море и ветија напори за запирање на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, додека Вашингтон, исто така, вети дека ќе бара укинување на некои санкции за Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека прекинот на огнот во Црното Море стапува на сила веднаш и дека ќе побара од американскиот претседател Доналд Трамп да му даде оружје и да ја санкционира Русија доколку Москва го прекрши договорот.
„Американската страна верува дека нашите договори стапуваат на сила откако ќе бидат објавени од американската страна“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев, додавајќи дека не верува оти Русија ќе го почитува договорот.
Зеленски предупреди дека договорот не предвидува преземање чекори во случај Русија да го прекрши и дека директно ќе се обрати до САД доколку тоа се случи.
„Ние воопшто не им веруваме на Русите, но ќе бидеме конструктивни“, рече тој.
Руски услови
Кремљ објави дека Москва се согласила да обезбеди безбедна пловидба во Црното Море, под услов западните санкции против компаниите кои се занимаваат со извоз на земјоделски производи и ѓубрива да бидат укинати.
Русија и САД, исто така, се согласија да развијат мерки за запирање на нападите врз руската и украинската енергетска инфраструктура на 30 дена. Кремљ, исто така, потврди дека САД се согласиле да помогнат во обновувањето на пристапот на Русија до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, но со голем број услови.
За спроведување на двата дела од договорот, западните санкции кон руската банка Роселхозбанк, која работи со земјоделски компании, ќе мора да бидат укинати и да и се врати пристапот до SWIFT.
Ќе мора да бидат укинати и санкциите наметнати врз руските извозници на земјоделски производи и ѓубрива и осигурителни компании, за одржување на бродови во пристаништата и ограничувањата за бродовите и трговските плаќања, објави Кремљ.
Безбедност на пловидбата
Соединетите држави претходно објавија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забрана за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која посредуваше во преговорите.
Соединетите Држави, кога станува збор за Украина, исто така ветуваат „ќе ги поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на присилно раселените украински деца“.
Русија, која во моментов е под бројни санкции, може да смета на поддршката од Белата куќа кога станува збор за „рускиот пристап до глобалниот пазар за извоз на земјоделски и вештачки ѓубрива, намалување на трошоците за поморско осигурување и подобрување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции“.
Продолжение на разговорите
За време на разговорите, САД „повторија дека претседателот Доналд Трамп безусловно сака да стави крај на загубата на животи на двете страни“. Вашингтон „ќе продолжи да организира преговори меѓу двете страни за на крајот да се постигне мирен исход“, се вели во најавите.
Во соопштението, американската администрација му се заблагодари на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, во чија земја се водеа преговорите.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека Киев ги поддржува двата договори за прекин на огнот со Русија објавени од САД во вторникот и дека Украина ќе ги пречека третите земји да го следат спроведувањето на договорите.
Во објавата на Х, Умеров напиша дека Украина ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море за прекршување на договорот и дека доколку се случи такво нешто, ќе си дозволи право на самоодбрана.
Соединетите Американски Држави во последните два дена водат одделни преговори за војната во Украина со украинската и руската делегација во Саудиска Арабија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп не планира да им враќа пари на компаниите поради укинувањето на царините
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп.
Свет
Трамп потпиша указ за нови царини од 10 проценти на глобално ниво
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека потпишал указ за воведување глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои, како што наведе, ќе стапат во сила речиси веднаш. Одлуката доаѓа откако Врховниот суд на САД поништи дел од царините што тој ги воведе минатата година за голем број држави.
Тој остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на претходните мерки, оценувајќи дека нивната одлука била „погрешна“ и најави дека администрацијата ќе преземе дополнителни чекори за да обезбеди, како што рече, поголеми приходи од царините.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека новите мерки ќе бидат донесени согласно член 122, кој му овозможува на претседателот привремено да воведе дополнителни давачки на увоз во случај на сериозни нерамнотежи во платниот биланс.
Најави и покренување истраги и други механизми, со цел, како што посочи, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Според Трамп, одлуката на Врховниот суд не ги укинува царините како инструмент, туку се однесува само на одредена правна основа за нивна примена.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.

