Свет
Јапонија: Треба многу да го зголемиме производството на електрична енергија, ни треба за чипови и вештачка интелигенција
Јапонија предвидува дека потребите за производство на електрична енергија ќе се зголемат од 35 до 50 проценти до 2050 година поради зголемената побарувачка од фабриките за полуспроводници и центрите за податоци на вештачка интелигенција (АИ), процени владата.
Зголемувањето на побарувачката е прво во последните 20 години и бара големи инвестиции, се вели во владиниот документ.
Ако Јапонија не го зголеми производството на обновлива енергија, стабилното снабдување со електрична енергија би можело да биде неизвесно, според владата.
Јапонија во голема мера се потпира на Блискиот Исток за снабдување со фосилни горива. Минатата година усвои закон, чија цел е да ги промовира инвестициите за декарбонизација во јавниот и приватниот сектор во вредност од повеќе од 150 трилиони јени (962 милијарди долари) во текот на 10 години.
Јапонија смета на соларни ќелии од следната генерација, пловечки ветерни електрани на брегот, рестартирање нуклеарни централи и воведување реактори од следната генерација за да се задоволи побарувачката, покажуваат владините документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.

