Свет
Јеменските Хути со две ракети го погодија танкерот „Сината лагуна 1“ во Црвеното Море
Јеменските бунтовници, милитантната проиранска група Хути, денеска го погодија танкерот „Сината лагуна 1“, кој пловел во Црвеното Море под панамско знаме, а во сопственост на компанија од Грција, соопшти регуларната влада на Јемен.
Денешниот напад е последен во серијата напади на Хутите почнати од војната меѓу Израел и Хамас, кои ги нарушија трговските бродски рути со кои секоја година се транспортираат стоки вредни стотици милијарди долари, пренесува АП.
Поради нападите на Хутите врз трговските бродови што пловеа во Црвеното Море до или од Суецкиот Канал, прекинати се и испораките на хуманитарна помош до Судан и Јемен, кои се погодени од конфликтот.
„Во денешниот напад бродот беше погоден со два проектила, а третата експлозија одекна во близина на бродот. Работиме на контрола на штетите. Нема повредени на бродот, кој се движи кон неговото следно пристаниште“, соопшти Воениот поморски оперативен центар на Обединетото Кралство.
Хутите сè уште не ја презеле одговорноста за нападот, но, според американската агенција, може да поминат неколку часа или дури денови пред бунтовниците да го сторат тоа.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година Хутите нападнаа повеќе од 80 брода со ракети и беспилотни летала.
Покрај тоа, тие заробија еден брод и потонаа два, а четворица морнари беа убиени за време на нивниот поход.
Многубројни ракетни проектили или беспилотни летала лансирани од Хутите или биле пресретнати од коалициските сили предводени од САД или не успеале да стигнат до своите цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Свет
Зетот на Трамп: Оваа средба е многу голема пресвртница
Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ја нарече средбата во Париз „многу голема пресвртница“, но предупреди дека трајниот мир бара „вистински заштитни мерки“.
Зборувајќи на крајот од прес-конференцијата, Кушнер рече дека Володимир Зеленски и Доналд Трамп имале обемни разговори во Мар-а-Лаго минатиот месец за безбедносните гаранции и дека, според него, тие „ги решиле повеќето, ако не и сите отворени прашања“.
„Но, мислам дека денес беше многу, многу голем чекор“, рече Кушнер, додавајќи дека тоа сè уште не значи дека ќе се постигне мир во Украина. „Ако Украина треба да склучи конечен договор, треба да знае дека по него ќе биде безбедна, дека има силно одвраќање и вистински механизми за да се осигури дека ова нема да се случи повторно“, рече тој.
Свет
Човекот на Трамп: Подготвени сме да направиме сè за да постигнеме мир
Американскиот пратеник Стив Виткоф рече дека Соединетите Американски Држави се „подготвени да направат сè што е потребно“ за да постигнат мир.
Зборувајќи по германскиот канцелар Фридрих Мерц, Виткоф упати многу попомирувачки тон од американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон „неверојатен човек“.
Виткоф рече дека тој и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател, повторно ќе се сретнат со украинската делегација подоцна вечерва и дека „скоро завршиле со безбедносните протоколи“. Тој додаде дека се блиску до она што го опиша како „договор за просперитет“ за Киев.
„Сакам да го кажам ова: ние сме тука да посредуваме и да помогнеме во мировниот процес и сме подготвени да направиме сè што е потребно за да се стигне до таму. Претседателот Трамп цврсто и длабоко верува дека ова убивање мора да престане, дека крвопролевањето мора да престане“, рече Виткоф.
По него, Кушнер зборуваше кратко, велејќи: „Немам што да додадам, тоа беше кажано совршено“.

