Свет
Јужна Африка сака да го напушти Меѓународниот кривичен суд

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави вчера дека неговата земја е подготвена да го напушти Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој во март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Гласот на Америка“.
МКС издаде налог за апсење на Путин во март годинава поради наводите за незаконска депортација на украински деца во Русија. Ако Путин присуствува на годишниот самит на БРИКС, Јужна Африка е обврзана да го уапси.
Јужна Африка изрази фрустрација за тоа како налогот за апсење ќе влијае на претстојниот самит на БРИКС, на кој се очекува да присуствуваат Путин, Рамафоса и лидерите на Бразил, Индија и на Кина.
БРИКС е акроним за пет водечки светски економии: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Терминот БРИК беше измислен од економистот Џим О’Нил во 2001 година, а Јужна Африка беше додадена во 2010 година.
Од 2009 година БРИКС се однесува повеќе како формална меѓувладина организација, а земјите се состануваат годишно на самити и ги координираат мултилатералните политики, пишува „Форбс“.
Јужна Африка не ја осуди руската инвазија на Украина, туку избра да остане неутрална во однос на војната повикувајќи на дијалог за да се стави крај на конфликтот.
Рамафоса истакна дека владејачкиот Африканскиот национален конгрес (АНЦ) – долгогодишен пријател на Москва и на Путин – долго време смета оти МКС неправедно се однесува кон некои земји, веројатно алудирајќи на фактот дека многу африкански лидери беа изведени пред судот во Хаг.
„Ние би сакале соодветно да се дискутира за ова прашање на нефер третман“, изјави Рамафоса. „Но, во меѓувреме, владејачката партија уште еднаш одлучи дека треба да има повлекување, така што тоа ќе биде прашање на кое ќе се фокусираме“.
АНЦ сакаше да ја повлече земјата од МКС уште пред неколку години, но беше спречена во тоа од јужноафриканскиот суд, кој оцени дека потегот е неуставен.
Сепак, Преторија одби да го уапси поранешниот судански диктатор Омар ал-Башир, кој ја посети земјата во 2015 година и покрај налогот за негово апсење од МКС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Аракчи: Иран ќе одговори на повторното воведување на санкции

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, денес изјави дека земјата ќе одговори на „нелегалниот потег“ на Велика Британија, Франција и Германија (Е3), кои го иницираа механизмот за повторно воведување на санкциите на ОН врз Техеран поради неговата нуклеарна програма. Според агенцијата Тасним, шефовите на дипломатиите на Е3 го информирале Аракчи за одлуката за покренување на овој механизам и изразиле подготвеност наскоро да најдат решение што ќе спречи понатамошни чекори кон воведување санкции.
Аракчи изјавил дека оваа одлука на европските земји е „неоправдана, нелегална и нема правна основа“, велејќи дека Иран ќе одговори на овој потег за да ги заштити и обезбеди своите национални права и интереси во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година и меѓународното право.
Иранскиот дипломат ја повика Е3 да усвои „одговорен пристап“ кон ситуацијата и да го исправи овој „погрешен потег“.
Земјите од Е3 претходно денес соопштија дека одлучиле да го активираат таканаречениот механизам за повлекување на санкциите пред да ја изгубат можноста да ги обноват санкциите врз Техеран кон средината на октомври, кои беа укинати според нуклеарниот договор од 2015 година.
Овие три земји понудија да ги одложат санкциите за период до шест месеци со цел да се овозможат сериозни преговори, доколку Иран продолжи со целосни инспекции на ОН и започне разговори со САД, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Ердоган ја претстави турската „Челична купола“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера официјално го отвори интегрираниот систем за воздушна одбрана на Турција, познат како „Челична купола“, кој го опиша како пресвртница за земјата и нејзината одбранбена индустрија.
„Ова е знак на сила за Турција. Воведуваме нова ера за нашата сакана Турција во воздушната одбрана“, рече Ердоган на настан во објектите на одбранбената компанија Аселсан во Анкара. Владата на Ердоган го објави почетокот на развојот на Челичната купола, кој интегрира платформи за воздушна одбрана и сензори од морето и копното во мрежа за заштита на турското небо, во август минатата година.
Ердоган истакна дека најновата фаза од проектот се состои од 47 возила во вредност од речиси 400 милиони евра кои ќе „влеат доверба кај пријателите и страв кај непријателите“. Турската влада не прецизираше кога системот ќе биде целосно оперативен.
„Ниту една земја која нема способност да развива сопствени радарски и воздушни одбранбени системи не може да гледа кон иднината со доверба во однос на актуелните безбедносни предизвици, особено во нашиот регион“, рече Ердоган.
Турција претходно се обидуваше да ја зајакне својата воздушна одбрана со купување на ракетниот систем С-400 од Русија во 2019 година. Сепак, овој потег доведе до тоа Американците да ја суспендираат продажбата на невидливи авиони Ф-35 на Турција, поткопувајќи ги одбранбените цели на Анкара, пишуваат медиумите.
Конфликтите во Сирија и Украина, како и неодамнешните израелски напади врз Иран, ја интензивираа потребата на Турција да развива подобра воздушна одбрана.
Ердоган, исто така, ги претстави новите производствени капацитети на Аселсан, кои треба да се отворат во 2026 година. „Во следните 50 години, Турција ќе биде земја која не само што ги задоволува сопствените потреби, туку и ќе биде лидер во светот во својата технологија“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Очекуваме почеток на преговорите за пристапување во ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави дека имал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и дека ѝ се заблагодарил за нејзината солидарност со Украинците по нападот на Русија врз Украина.
Зеленски потсети дека главна цел на нападот бил Киев, како и дека се во тек операции за пребарување и спасување.
Тој изјави дека разговарал со претседателот на ЕК за дипломатска работа за „запирање на убиствата и руската агресија воопшто“, како и за гарантирање на вистинска безбедност за Украинците.
„Разговаравме и за нашиот пат кон европска интеграција, за истовременото отворање на преговарачкиот кластер за Украина и Молдавија. Очекуваме позитивна одлука во блиска иднина“, нагласи Зеленски, пренесува порталот РБК Украина.
Зеленски нагласи дека сè додека Русија не преземе вистински чекори кон мирот, притисокот врз неа мора да се зголеми.
Како што изјави, фон дер Лајен го информирала за подготовката на нов пакет санкции и координацијата со другите партнери.
Фото: принтскрин