Свет
Јужна Кореја планира да ја тужи Јапонија по најавите за испуштање радиоактивна вода од „Фукушима“
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин потврди дека ги овластил државните службеници да ја разгледаат можноста за поднесување тужба против Јапонија пред Mеѓународниот суд поради испуштањето радиоактивна вода од нуклеарната централа „Фукушима“ во Тихиот Океан и покрај протестите на јапонските рибари и организациите за заштита на животната средина.
Јапонската влада во вторникот потврди дека е донесена одлука за испуштање повеќе од милион тони загадена, радиоактивна вода од нуклеарната централа „Фукушима“, оштетена во земјотресот и цунамито од 2011 година, откако од водата наводно биле отстранети штетните изотопи, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Јужна Кореја силно протестира против оваа одлука, а владата го повика јапонскиот амбасадор во Сеул на консултации, при што бил договорен состанок на меѓудржавните агенции во однос на ова прашање.
За време на денешната одделна средба, јужнокорејскиот претседател Мун побарал да се разгледа можноста за поднесување тужба против Јапонија до Меѓународниот суд за поморски спорови, потврди претставникот на претседателот, Канг Мин-сеок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пукање во Виена: Еден маж убиен, друг во критична состојба, напаѓачите во бегство
Во четвртокот вечерта, во еден турски ресторан во виенската населба Отакринг, дошло до крвава пресметка во која е убиен еден маж, а друг е тешко повреден и се бори за живот. Како што пренесува австрискиот весник „Кронен цајтунг“, по расправија меѓу неколку лица, еден од нив извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон двајца мажи.
Жртвите, двајца мажи со чеченско потекло, биле погодени од повеќе истрели – едниот починал на самото место, наводно од прострелна рана во стомакот, додека вториот бил итно пренесен во болница со повреди опасни по живот.
Полицијата трага по напаѓачот и неговиот соучесник, кои веднаш по инцидентот побегнале. Се претпоставува дека сторителот би можел да биде австриски државјанин со мигрантско потекло, иако првичните информации упатувале на тоа дека станува збор за лице од српска националност.
Областа околу местото на злосторството беше блокирана, а полицијата спроведе голема потрага во неколку виенски окрузи која траеше до доцна во ноќта.
Настанот се случил само еден ден по друг насилен инцидент во истата населба, кога 54-годишен сопственик на локал бил нападнат и повреден од група млади момчиња. Полицијата ги поврзува двата случаи во рамките на поширока истрага за растечкиот бран насилство во тој дел од градот.
Свет
Американскиот претседател ги прими лидерите на пет централноазиски земји
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги прими лидерите на 5 централноазиски земји во Белата куќа.
Американскиот лидер ги идентификуваше критичните ретки земни елементи како клучен приоритет и ги истакна напорите на неговата администрација за обезбедување синџири на снабдување преку нови глобални договори.
На средбата со Доналд Трамп присуствуваа лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Разговорот се одржа во време кога Вашингтон се стреми да го прошири своето влијание во нивниот регион, богат со природни ресурси.
Доналд Трамп изјави дека е решен да го зајакне партнерството со петте земји.
Свет
Олга Стефанишина: Украина преговара за купување ракети „Томахавк“
Украина е во преговори за купување ракети „Томахавк“ и друго оружје, изјави украинската амбасадорка во САД, Олга Стефанишина.
Нејзината изјава доаѓа во контекст на одбивањето на американскиот претседател Доналд Трамп да му ги предаде ракетите на Киев.
Во интервју за Блумберг ТВ, Стефанишина истакна дека дискусиите сè уште се во тек, но украинската страна има повеќе делегации кои работат на обезбедување на потребните финансиски ресурси за стекнување поголем воен капацитет.
Според неа, не станува збор само за „Томахавк“, туку и за разни други ракети со долг и краток дострел. Амбасадорката го опиша процесот како доста позитивен.
Kонечната одлука за ова останува во рацете на Доналд Трамп, кој изјави дека во моментов не размислува за таков чекор.

