Свет
„Њујорк тајмс“: Кина сè посилна во американскиот двор

Во изминатата деценија, САД обрнувале мало внимание на Латинска Америка. Наместо тоа, се насочиле на зајакнување на економските, воените и дипломатските врски со Азија, како дел од стратегијата на администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама, за да се сузбие влијанието на Кина, пишува „Њујорк тајмс“.
Од како Доналд Трамп влезе во Белата куќа, САД го напуштаат тој пристап, се повлекуваат од трговските договори со пацифичките држави, а на најблиските сојузници во Азија им замеруваат поради товарот кој Вашингтон го презел на себе поради нивната безбедност.
За сето тоа време, Кина дискретно го спроведуваше својот далекусежен план низ Латинска Америка, пишува @Њујорк тајмс“ и како пример ја наведува контролната станица за сателитски и вселенски мисии, која кинеската војска ја изгради во Аргентина.
Таа вселенска станица во Патагонија, вредна 50 милиони долари, почнала да работи во март како дел од кинескиот амбициозен план да испрати експедиција на темната страна на Месечината. Нејзината сателитска антена со чинија висока како 16 ката и тешка 450 тони.
Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, тоа е најочигледниот симбол на настојување на Пекинг да ја трансформира Латинска Америка според своите потреби, што директно ја поткопува политичката, економската и стратешката моќ на САД во тој регион. Во време кога САД сметале дека нивниот приоритет е неспорен во Латинска Америка, својот таканаречен – двор, Кина таму ширела трговија, давала поволни кредити, градела огромна инфраструктура, ги зајакнувала воените врски и за себе обезбедила многу ресурси во тој дел од светот, додава „Њујорк тајмс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.