Свет
„Њујорк тајмс“: Нашата истрага не го ослободува Бајден од обвинувањата за сексуален напад
Од кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден велат дека наводите за сексуален напад за кој беше обвинет се демантирани со истрагата на „Њујорк тајмс“. Весникот, кој првично беше критикуван бидејќи премногу меко се однесувал со Бајден, сега тврди дека никогаш не ги отфрлиле обвиненијата.
Тара Риди, која работела во сенатскиот кабинет на Бајден во 1993 година, тврди дека Бајден ја начекал во подрумот на зградата на Капитол Хил и сексуално ја нападнал. Од кампањата на Бајден ги отфрлија обвиненијата и ја користеа статијата на „Њујорк тајмс“ за да ги побие.
„Базфуд њуз“ во вторникот откри дека ангажираните во кампањата на Бајден добиле инструкции да се повикуваат на статијата на „Њујорк тајмс“, објавена на почетокот на овој месец, базирана на истрага што весникот ја спроведе и која, како што велат од кампањата на Бајден, покажува дека не открила никаква шема на сексуална злоупотреба и заклучила дека инцидентот не се случил.
Овие поенти ги повторуваат сите поддржувачи на Бајден во последните неколку дена. Поранешниот кандидат за гувернер на Џорџија, Стејси Абрамс, која сакаше да му се придружи во кампањата на Бајден, ги посочи тие поенти во интервјуто за Си-ен-Ен во вторникот велејќи: „Њујорк тајмс“ спроведе темелна истрага и откриле дека обвинението не е веродостојно. Му верувам на Џо Бајден“.
Но, од „Њујорк тајмс“ велат дека кампањата на Бајден погрешно ја претставува нивната статија.
„Нашата истрага не донесе никаков заклучок. Тимот на Бајден погрешно се повикува на неа кога сугерира дека наводниот инцидент не се случил“, рече потпретседателот за комуникации на „Тајмс“, Даниел Ројадс-Ха, за „Вашингтон егзаминер“.
Покрај тоа, кога весникот напишал дека не откриле никаква шема на сексуална злоупотреба кај Бајден, тој цитат првично вклучувал и дополнителна клаузула: „освен прегратките, бакнежите и непристојното допирање на жените кои претходно посочија дека поради тоа им било непријатно“. Оваа продолжена реченица наводно била избришана на барање од кампањата на Бајден, вели извршниот уредник на „Тајмс“, Дин Бакет.
Новинарите на „Тајмс“ стапиле во контакт со некои од поранешните колеги на Риди, кои рекле дека не се сеќаваат таа да ја спомнала средбата на Бајден во 1993 година. Други, меѓу кои и братот на Риди и двајца пријатели, рекле дека се сеќаваат оти таа го споменала трауматичниот сексуален инцидент. По објавувањето на приказната на „Тајмс“, барем двајца поранешни соработници на Риди ги поддржале нејзините тврдења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

