Свет
14-годишно момче нападнато од крокодил додека ловело риба во Австралија
Четиринаесетгодишно момче е хоспитализирано кога завчера попладне било нападнато од крокодил додека ловело риба на плажата „Мјал“ во далечниот северен Квинсленд, Австралија. Тинејџерот претрпел повреди на ногата и н аторзото, но неговата состојба е стабилна, потврдија локалните власти, пишува „Гардијан“.
Инцидентот се случил во Кејп Трибулејшн, мала крајбрежна заедница 140 километри северно од Кернс. Според информациите од Министерството за животна средина, туризам, наука и иновации, момчето ловел риба во вода длабока до бутовите пред нападот.
„Службеник потврди дека раните се конзистентни со напад од крокодил“, изјави портпарол на одделот.
По нападот, тинејџерот бил пренесен во блискиот сместувачки капацитет, каде што гостите и локалното население му укажале прва помош додека не пристигнале службите за итни случаи. Службениците на Министерството за животна средина веднаш почнале потрага по животното користејќи дронови и чамци со рефлектори, но крокодилот не бил пронајден. Поради инцидентот, на плажата се поставени дополнителни знаци за предупредување од крокодили покрај веќе постојните трајни ознаки на сите точки за пристап.
Нападот се случил на почетокот на годишната сезона на парење на крокодилите. Според официјалната веб-страница на Министерството за животна средина, мажјаците крокодили стануваат особено дрски додека бараат партнер во овој период, што значително го зголемува ризикот од агресивно однесување. Во изминатиот месец во областа Кејп Трибулејшн четирипати биле видени крокодили.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со магнитуда од 4,0 степени според Рихтеровата скала се случи рано утрово во грчкиот регион Лаконија, јавуваат грчките медиуми.
Земјотресот се случил во 08:38 часот по локално време, 320 км југозападно од Атина, пренесува Катимерини.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот се наоѓал во морското подрачје 117 км југозападно од Геролименас во Лаконија.
Досега нема извештаи за евентуални штети во овој земјотрес.
Свет
Руте понуди решение за тензиите меѓу Вашингтон и Копенхаген
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предложи можно решение за спорот меѓу Соединетите Американски Држави и Данска околу Гренланд, јавува CNN, повикувајќи се на европски извори.
Според телевизиската мрежа, Руте предложил ревизија на Договорот за одбрана на Гренланд од 1951 година, со цел во документот да се вклучат јасни гаранции што би ги забраниле кинеските инвестиции на овој остров. Таквиот чекор, како што е посочено, би можел да одговори на безбедносните загрижености на Вашингтон и во исто време да ги намали тензиите со Копенхаген.
Руте верува дека измената на постојниот договор би претставувала институционална рамка што би спречила понатамошно влошување на односите меѓу САД и Данска, а воедно би го задржала постојниот систем на колективна безбедност во рамките на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно неколку пати изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат да го купат Гренланд, тврдејќи дека Данска не е во состојба соодветно да ја брани таа територија.
Свет
Норвешка испраќа писма до граѓаните: Имотот може привремено да се конфискува во случај на војна
Норвешката војска објави дека илјадници граѓани ќе добијат писма во кои се наведува дека нивните домови, возила, чамци и машини може привремено да се конфискуваат во случај на војна.
Во соопштението се наведува дека писмата немаат практично влијание во мирновременски услови, освен што ги информираат сопствениците дека војската може да го преземе нивниот имот во случај на конфликт, објавува „Јуронјуз“.
„Целта на реквизициите е да се обезбеди дека, во воени услови, вооружените сили имаат пристап до ресурсите потребни за одбрана на земјата“, се наведува во соопштението на војската.
За 2026 година ќе бидат издадени околу 13.500 подготвителни барања, а секое барање важи една година.
Околу две третини од писмата планирани за 2026 година претставуваат обновување на барањата од претходните години.
„Важноста на подготвеноста за кризи и војна драматично се зголеми во последните години“, рече раководителот на воената логистичка организација, Андерс Јернберг.
Тој изјави дека Норвешка се наоѓа во најсериозна безбедносно-политичка ситуација од Втората светска војна и дека општеството мора да биде подготвено за безбедносно-политички кризи, а во најлош случај за војна, со значително зајакнување на воената и цивилната подготвеност.
Норвешка, еден од основачите на НАТО, ја зајакна својата одбрана во последните години, истакнува гореспоменатиот портал.
Норвешка дели поморска и копнена граница од 198 километри со Русија.

