Свет
2025 година би можела да се изедначи со втората најтопла година во историјата на мерењето
Планетата е на добар пат да ја забележи втората најтопла година во историјата на мерењата изедначувајќи се со 2023 година по рекордно високото ниво во 2024 година, соопшти овој вторник службата за следење на глобалното затоплување на Европската Унија.
Изминатите 10 години беа 10-те најтопли години досега, соопшти Светската метеоролошка организација претходно оваа година.
Податоците од службата за климатски промени „Коперникус“ потврдуваат дека глобалните температури се на добар пат да надминат 1,5°C над прединдустриските нивоа – прагот поставен во Парискиот договор за климата од 2015 година.
Температурите се зголемија во просек за 1,48°C помеѓу јануари и ноември и „моментно се изедначени со 2023 година како втора најтопла година досега“, според месечното ажурирање на службата.
„Тригодишниот просек за 2023 – 2025 година е на добар пат да надмине 1,5°C првпат во споредба со прединдустрискиот период од 1850 – 1900 година, кога луѓето почнаа да горат фосилни горива на индустриско ниво“, изјави Саманта Бургес, раководителка на одделот за климатска стратегија во „Коперникус“.
„Овие пресвртници не се апстрактни – тие го одразуваат забрзаното темпо на климатските промени и единствениот начин за ублажување на идните зголемувања на температурата е брзо намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече Бургес.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди во октомври дека светот нема да може да го ограничи глобалното затоплување под 1,5°C во следните неколку години.
Ноември меѓу најтоплите досега
Минатиот месец беше третиот најтопол ноември досега со 1,54°C над прединдустриските нивоа, според „Коперникус“, при што просечната температура на површинскиот воздух достигна 14,02°C.
Ваквите постепени зголемувања може да изгледаат мали, но научниците предупредуваат дека тие веќе ја дестабилизираат климата и ги прават потешки и почести бурите, поплавите и другите катастрофи.
„Месецот беше обележан со низа екстремни временски настани, вклучувајќи тропски циклони во Југоисточна Азија, предизвикувајќи широко распространети, катастрофални поплави и загуба на животи“, велат од „Коперникус“.
За Европа, тоа беше петтиот најтопол ноември досега, со просечна температура од 5,74 степени.
Додека источна Европа, Балканот и Турција забележаа невообичаено високи температури, условите во Скандинавија и во јужна Германија беа релативно ладни.
Само три претходни есени во Европа беа топли како оваа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американски конгресмен со повик САД да излезат од НАТО
Американскиот конгресмен Томас Меси предложи закон со кој бара САД да се повлечат од НАТО, тврдејќи дека Алијансата претставува финансиски и дипломатски товар за земјата.
Во објава на мрежата X тој напиша дека НАТО е реликт од Студената војна и дека парите треба да се вложуваат во одбраната на САД, а не на социјалистички држави. Според него, НАТО ги чини американските даночни обврзници трилиони долари и носи ризик да ги втурне САД во туѓи војни.
Во предложениот закон се наведува дека европските членки имаат доволно економска и воена моќ за сопствена одбрана и дека членството на САД во НАТО не е во согласност со националните интереси. Законските тврдења исто така посочуваат дека распадот на Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз го сменил безбедносното окружување и ја направил НАТО-мисијата за колективна одбрана нерелевантна, како и дека алијансата започнала голема источна експанзија од 1999 година.
Контекстот доаѓа по најновите изјави на Доналд Трамп, кој за „Политико“ рече дека европските лидери се слаби и „=препремногу политички коректни, додавајќи дека Европа „не знае што да прави“. Трамп претходно повика земјите од НАТО да го зголемат воениот буџет од 2% на 5% од БДП и предупреди дека оние што нема да го исполнат условот може да бидат исклучени од алијансата.
Свет
(Видео) Снимен моментот кога авион слета врз автомобил на автопат во Флорида
На социјалните мрежи се појави снимка што го прикажува моментот кога мал авион слета врз автомобил што се движел на автопатот I-95 во округот Бревард на Флорида.
Според властите, возачката на автомобилот и двете лица во авионот добиле само полесни повреди. Ударот го снимиле татко и син кои возеле веднаш зад возилото што било погодено.
Полицијата соопшти дека двомоторниот авион Beechcraft 55 во понеделник околу 17:45 часот локално време морал присилно да слета на јужната лента од автопатот. При слетувањето удрил во автомобил Toyota Camry со 57-годишна жена. Во авионот биле 27-годишен пилот од Орландо и 27-годишен патник.
A small plane crash landed on a busy interstate in Merritt Island, Florida, hitting a car.
The plane experienced a “loss of power in both engines,” it was known, and was attempting an emergency landing on I-95 when it hit a Toyota Camry.
The driver of the car was hospitalised… pic.twitter.com/ViZAuMJcwT
— Vani Mehrotra (@vani_mehrotra) December 10, 2025
Таткото и синот, Џејмс и Питер Кофи, изјавиле дека авионoт нагло почнал да паѓа пред нив.
„Бев преплашен, сфативме колку беше блиску до трагедија“, рекол Џејмс. Питер додал дека дури следниот ден сватил колку среќа имале.
Авионот бил отстранет од автопатот.
Причината за присилното слетување сè уште не е утврдена, а истрагата продолжува. Според проценка на службата, можно е авионот да останал без гориво.
Свет
Децата во Австралија го измамија системот: забраната за социјални мрежи има големи пропусти
Првиот ден од австралиската забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години покажа бројни слабости во системот. Многу деца успеале да ги заобиколат новите правила користејќи ВПН, манипулации со датумот на раѓање или трикови при скенирање на лицето.
Родители од различни делови на земјата за „Еј-би-си“ сведочат дека нивните деца без проблем добиле пристап до „Снеплет“, „Инстаграм“ или „Тик-Ток“, иако формално би требало да им биде забранет.
Во повеќе случаи, системите за проверка на возраст погрешно утврдиле дека децата имаат над 16 години — дури и кога станува збор за 11- или 13-годишници. Некои тинејџери успеале да ја измамат технологијата со шминка или прикривање на делови од лицето. Социјалните мрежи признаа дека постојат технички предизвици и дека родителите можат да пријават профили за деца под 16 години кои ќе бидат суспендирани.
Стручњаците објаснуваат дека технологијата за процена на возраст има маргина на грешка од една до три години, што овозможува заобиколување на забраната. На „Тик-ток“ веќе се појавија објави од деца кои се потсмеваат дека „успешно ја преживеале“ забраната.
Владата најавува дека пропустите ќе се отстрануваат постепено. Премиерот Албанезе посочи дека околу 440.000 „Снепчет“ профили, 150.000 „Фејсбук“ профили и 350.000 „Инстаграм“ профили во сопственост на деца од 13 до 15 години ќе треба да се деактивираат. Повеќе од 200.000 „Тик-ток“ профили веќе се затворени.
Министерката за комуникации Анника Велс нагласи дека ова е „маратон, не спринт“ и дека децата кои денес ја заобиколиле забраната нема да можат да го прават тоа постојано.

