Свет
EK ѝ нуди 80 милиони евра на германска компанија за развој на вакцина
Европска комисија ѝ понуди 80 милион евра финансиска поддршка на германската биофармацевтска компанија „Цуре вац“ за забрзување на развојот и производството на вакцина против новиот коронавирус.
Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лаан, и еврокомесарката за иновации и истражувања, Марија Габриел, вчера преку видеоврска разговараа со управата на „Цуре вац“, а во разговорот учествуваше и потпретседателот на Европска инвестициска банка (ЕИБ), Амброаз Фајол.
„Цуре вац“ е формирана во 2000 година и разви нова технологија со која е надмината една од најважните пречки за употреба на вакцината – потребата да се одржи стабилна без ладење.
Прелиминарните истражувања покажуваат дека таа технологија ветува брз одговор на Ковид-19.
Компанијата веќе почна своја програма за развој на вакцина против коронавирусот и се проценува дека клиничкото тестирање ќе почне до јуни годинава, соопшти ЕК.
Според германските медиуми, американскиот претседател Доналд Трамп се обидува германските експерти од „Цуре вац“, кои работат на вакцината против Ковид-19, да ги доведе во САД нудејќи им голема сума или да обезбеди ексклузивни права на вакцината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кац: Израелската армија е подлабоко во Либан, за да се спречи „оган“ врз израелските заедници
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека потегот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да напредуваат во јужен Либан е направен за да се спречи „директен оган“ врз израелските заедници.
„За да се спречи можноста за директен оган врз израелските заедници, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јас ги овластивме ИДФ да напредуваат и да држат дополнителен доминантен терен во Либан и да ги бранат граничните заедници од таму“, рече Кац во соопштението, според „Тајмс оф Израел“.
Како што додаде, „ИДФ продолжува силно да дејствува против цели на Хезболах во Либан, а терористичката организација плаќа и ќе плати висока цена за пукањето врз Израел“.
Порано денес, Израелските одбранбени сили објавија дека распоредиле трупи подлабоко во јужен Либан, надвор од петте позиции што моментално ги држи Израел, како дел од засилената одбранбена положба.
„Војниците на 91-та регионална дивизија Галилеја се позиционирани на неколку точки во близина на граничната област како дел од засилената одбранбена положба“, соопшти израелската армија, пренесува Танјуг.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) додаваат дека „работaт на создавање дополнителен слој на безбедност за жителите на северен Израел“.
„ИДФ спроведува насочени напади врз терористичката инфраструктура на Хезболах за да ги елиминира заканите и да спречи обиди за инфилтрација на израелска територија“, се вели во соопштението.
Овој потег доаѓа откако Хезболах лансираше ракети и беспилотни летала кон северен Израел во понеделникот како одговор на атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, објави „Тајмс оф Израел“, додавајќи дека терористичката група испукала повеќе ракети и беспилотни летала преку ноќ и утрово.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи: Рубио призна дека отишле во војна поради Израел
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио „признал“ дека Вашингтон влегол во „војна по избор“ против Техеран „во име на Израел“.
„Господинот Рубио го призна она што сите го знаевме: Соединетите Американски Држави влегоа во војна по избор во име на Израел“, рече Арагчи, во услови на тековната американско-израелска офанзива врз Иран, која започна во саботата.
Нагласувајќи дека „никогаш“ немало иранска закана, Арагчи тврди дека „и американската и иранската крв затоа е на грбот на израелските поддржувачи“.
Тој ги повика американските граѓани да „ја вратат својата земја“, велејќи дека „заслужуваат подобро“. Нападите врз Иран од страна на Израел и САД предизвикаа критики од демократите против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, објави „Њујорк тајмс“.
Трамп претходно изјави: „Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, решителни и херојски и да ја вратат својата земја“.
Од саботата, во заедничките американско-израелски напади загинаа голем број високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Техеран одговори со напади со беспилотни летала и ракети, насочени кон локации поврзани со САД во Заливот.
Шест американски војници се убиени, а неколку други се тешко повредени. Според иранската Црвена полумесечина, бројот на жртви од воздушните напади на САД и Израел од саботата се искачи на 555.
Свет
Америка го повлекува персоналот од Катар, Кувајт, Бахреин, Јордан…
САД денес им наредија на некои владини службеници и нивните семејства да ги напуштат Катар, Кувајт, Бахреин, Ирак и Јордан и затворија неколку дипломатски мисии низ регионот поради ескалацијата на конфликтот со Иран.
Мисија на САД во Саудиска Арабија беше затворена утрово по нападот со беспилотни летала, а на Американците во Џеда, Ријад и Дахран им беше наредено да се засолнат. Американската амбасада во Кувајт соопшти дека ќе остане затворена до понатамошно известување и дека сите редовни и итни конзуларни состаноци се откажани.
Во Израел, амбасадата на САД соопшти дека не е во можност да евакуира или директно да им помогне на Американците кои сакаат да ја напуштат земјата и им советуваше на граѓаните сами да направат безбедносни планови.
Мерките доаѓаат во време кога конфликтот меѓу САД, Израел и Иран се шири низ регионот, што доведе до зголемена безбедност во дипломатските објекти на САД и ограничувања за посети на воени објекти.

