Свет
Kандидатот за претседател на Финска: Зошто сега одеднаш се зборува за мојата сексуалност
Финскиот претседателски кандидат Пека Хаависто вели дека неколку дена пред изборите во недела неговата сексуалност била во фокусот на медиумите и ги обвинува новинарите на јавните телевизии.
65-годишниот поранешен министер за надворешни работи, кој би станал првиот „зелен“ и прв геј-претседател на Финска доколку победи, вели дека е изненаден од начинот на кој неговата сексуалност станала прашање на јавен интерес во вториот круг од изборите.
Меѓународната безбедност и одбрана се висок приоритет во земјата, која му се приклучи на НАТО минатата година поради Русија. Финскиот претседател е врховен командант на армијата и заедно со владата ја обликува надворешната политика.
Кога Хаависто првпат се кандидира за претседател во 2012 година, гласачите разговараа за неговиот сексуален идентитет, но тој смета дека овој пат тоа не било толку истакната тема, барем не на почетокот.
Вели дека откога поминал во вториот круг, новинарите, особено оние од националната ТВ-станица Yle, ја потенцирале дискусијата на таа тема.
Од неговиот дом во Хелсинки, каде што живее со својот партнер Антонио Флорес, тој рече: „Некои новинари во Yle, националниот радиодифузер, го иницираат ова прашање на изненадувачки силен начин во вториот круг од гласањето. Мислам дека многу луѓе се изненадени од тоа. Ова е третпат да се кандидирам на избори. Во првиот круг тоа не беше тема, па како доаѓа во фокусот во вториот круг?“, рече тој додавајќи дека гласачите за тоа зборуваат многу помалку отколку во 2012 година кога тој се кандидира првпат.
Истражувањето на Универзитетот во Хелсинки покажа дека една третина од гласачите не би гласале за Хаависто бидејќи тој е геј. Последната анкета на Yle покажа дека Хаависто го достигнува Стуб, поранешен премиер и член на централнодесничарската владејачка партија, но сепак заостанува со 46-54 отсто.
Друга тема за која разговараа Финците во последните денови беше нуклеарното оружје, при што Стуб и Хаависто не се согласуваат за потенцијалниот став на Финска. Хаависто е против нуклеарното оружје, што е во согласност со законот, кој забранува увоз во земјата. Од друга страна, Стуб вели дека законот треба да се промени.
Додека и двајцата кандидати имаат широка поддршка, онаа на Стуб е посилна кај пензионерите, а гласачите на Хаависто се главно помлади.
„Тоа ќе биде тешка битка“, рече Хаависто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

