Свет
Kина: Запрете го увозот на замрзната храна од загрозените земји, преку неа се пренесува короната

Властите во Пекинг апелираа до увозниците да престанат да увезуваат замрзната храна од земјите погодени од епидемијата Ковид-19 бидејќи примероците на замрзната храна од странство во неколку наврати биле позитивни на коронавирус.
„Царината и локалните власти во повеќе наврати откриле коронавирус во увезената замрзната храна“, се вели во соопштението на Администрацијата за трговија во Пекинг, пренесе „Ројтерс“.
Надлежната служба во кинеската престолнина апелира внимателно да се следи епидемиолошката состојба и да се избегне увоз на замрзната храна од земјите погодени од масовното ширење на коронавирусот.
Во септември кинеските власти го прекинаа увозот на замрзната морска храна од Бразил, Индонезија и од Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Ќе воспоставиме центри за храна во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека во Газа владее вистинскa глад и дека САД ќе воспостават центри за храна во регионот.
„Ќе воспоставиме центри со храна, без огради, за да се олесни пристапот“, изјави Трамп пред новинарите по средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Тернбери, каде што Трамп поседува имот со голф игралиште.
Тој додаде дека САД ќе соработуваат со други земји за да испратат повеќе хуманитарна помош за народот во Газа. Според Трамп, САД досега потрошиле 60 милиони долари за хуманитарна помош за Газа.
Стармер ја нарече хуманитарната ситуација во Газа „апсолутно неподнослива“ и порача дека помошта мора итно да се достави.
„Мора да ги поттикнеме другите земји да помогнат во испораката на помошта и да, тоа вклучува и вршење притисок врз Израел, бидејќи станува збор за хуманитарна катастрофа“, рече британскиот премиер.
Трамп исто така изјави дека во последно време е многу тешко да се преговара со палестинскиот Хамас, но дека со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговара за „разни планови“ за ослободување на израелските заложници, кои се во заробеништво повеќе од 20 месеци.
Тој нагласи дека ослободувањето на заложниците што Хамас ги држи во Газа е од клучна важност, посочувајќи дека милитантната група го променила ставот и одбива да ги ослободи. Хамас сè уште држи 54 заложници, од кои, според проценките, повеќето се веќе мртви. Меѓу нив има и двајца американски државјани.
Свет
Хакери го нападнаа московскиот аеродром, откажани 60 летови

Неколку десетици летови од московскиот аеродром беа откажани денес поради сајбер напад од проукраински хакерски групи, објавија властите.
Руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ објави дека 60 летови од аеродромот Шереметјево се откажани поради прекини во ИТ системите. Експертите работат на рестартирање на серверите за да може да продолжи воздушниот сообраќај, додаде Аерофлот. Кремљ ги нарече извештаите поврзани со прекинот на воздушниот сообраќај вознемирувачки.
„Хакерските закани претставуваат опасност за сите големи авиокомпании“, рече портпаролот Дмитриј Песков. Проукраинските хакери ја презедоа одговорноста за нападот. Тие потврдија дека подготовките за нападот врз Аерофлот траеле една година.
Канцеларијата на главниот обвинител на Русија започна истрага за нелегалното хакирање на компјутерски системи. Украинските медиуми ги објавија изјавите на хакерите за нивниот „стратешки удар“ врз Аерофлот, велејќи дека ја презеле контролата врз целата ИТ инфраструктура и уништиле 7.000 сервери.
Тие исто така тврдат дека собрале 12 терабајти податоци и дека испратиле порака до ФСБ и другите агенции за сајбер безбедност во Москва дека не се во можност да ја заштитат критичната ИТ инфраструктура. Кибер нападот го наруши и домашниот и странскиот воздушен сообраќај на Шереметјево.
Регион
Пожари беснеат на Балканот: илјадници се евакуирани, гори и во близина на популарна туристичка дестинација во Албанија

Пожарникарите денес се обидуваат да изгаснат шумски пожари во три одделни покраини во Турција, Грција, во близина на туристичка дестинација во Албанија, Бугарија, Македонија по неколкудневните интензивни горештини.
Чад се издигаше над планинската црноморска покраина Карабук, околу 200 километри северно од главниот град Анкара, а пожарот, кој беснее веќе шести ден, принуди евакуација на повеќе од десетина села и опустоши делови од шумата. Тројца пожарникари загинаа вчера во северозападната покраина Бурса, објави денес турското Министерство за шумарство.
Пожарникарите денес се борат со два одделни пожари, по евакуацијата на повеќе од 3.600 луѓе од населбите во јужните покраини Мерсин и Анталија. Турција беше место на десетици шумски пожари поради екстремна топлина во последните недели, а минатата недела 10 пожарникари загинаа борејќи се со пожар во централната покраина Ескишехир.
Топлите и суви лета се вообичаени во медитеранскиот регион, но сè поинтензивните топлотни бранови придонесоа за разорни шумски пожари во последните години. Во Грција, десетици пожарникари се борат со пожар што избувна во подножјето на планината Химет во Атина, во близина на универзитетски кампус во густо населено предградие. Најмалку 18 хеликоптери и авиони дејствуваат во областа.
Во Албанија, пожарникарите, со помош на армијата, се обидоа да го стават шумскиот пожар под контрола пред да стигне до крајбрежниот град Саранда и други туристички места на југот од земјата на јонскиот брег. Локалната полиција објави дека во последните три дена уапсила 13 лица за намерно палење.
Бугарија распореди противпожарни авиони за да им помогне на копнените сили во борбата против голем шумски пожар во пошумен југозападен регион, додека во Грција неколку села беа евакуирани, а пет лица беа повредени во одделни пожари за време на викендот, кои беа поттикнати од висока топлина и силни ветрови.
Додека Грција денес се соочува со својот трет топлотен бран, дождот во Србија им помогна на пожарникарите да стават под контрола повеќе од 100 шумски пожари.
Во моментов низ Македонија беснеат 15 пожари на отворено, од кои девет сè уште се активни, а шест се ставени под контрола. Најсериозни се огнените линии кај Прилеп, Василево, Кавадарци, Македонски Брод и Берово, каде гори шума, грмушки и ниска вегетација. На некои места ситуацијата е дополнително отежната поради детонации и непристапен терен. Од друга страна, пожарите кај Штип, Карбинци, Кичево и околината на Куманово се стабилизирани и под надзор. Властите повикуваат на внимателност и воздржување од активности што можат да предизвикаат нови пожари.