Свет
Mал напредок во преговорите меѓу Турција, Шведска и Финска за влезот во НАТО
Преговорите меѓу турските официјални претставници и делегациите од Шведска и Финска во Турција постигнаа мал напредок оваа недела во надминувањето на приговорите со Анкара за членството на тие земји во НАТО, а сè уште не е познато кога ќе продолжат преговорите, изјавија два извора.
„Тоа не е лесен процес“, изјави денеска висок турски функционер за „Ројтерс“.
„Тие мора да преземат конкретни чекори, што ќе биде тешко. Понатамошните преговори ќе продолжат. Но, се чини дека тоа нема да биде набргу“, додаде тој.
Финска и Шведска минатата недела поднесоа официјално барање за влез во НАТО за да ја зајакнат безбедноста по руската инвазија на Украина.
Сите членки на НАТО мора да дадат согласност
Сите 30 членки на НАТО мора да ги одобрат плановите за проширување. Но, Турција се спротивстави на тоа објаснувајќи дека нордиските земји обезбедуваат засолниште за луѓето поврзани со, како што ги нарекува, терористичките групи и затоа што го забранија извозот на оружје во Анкара.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во петокот рече дека Турција очекува Шведска и Финска да преземат конкретни мерки и да ја прекинат таквата поддршка пред да ги повлечат своите приговори.
Самит во Мадрид
Друго лице блиско до ситуацијата рече дека не е постигнат јасен напредок во разговорите во средата и дека тие завршиле без временска рамка за продолжување, што ги зголемува шансите Турција сè уште да се спротивстави на кандидатурата за членство кога НАТО ќе одржи самит на 29 и 30 јуни во Мадрид.
Петчасовните разговори вклучуваа одделни седници меѓу турските официјални претставници и колегите од двете нордиски земји по што следуваа тристрани разговори со сите страни, додаде друг извор.
Трет извор изјави за „Ројтерс“ дека турските власти ги намалиле шансите за постигнување договор пред самитот во Мадрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

