Регион
Балканската рута повторно оживеа: мигрантите носат и дрога, рации во цела БиХ
Најновата акција на Федералната полициска управа, во која е уапсен дилер од Сараево, од кого купувале дрога главно државјани на Алжир, Мароко и Пакистан, е уште една потврда дека мигрантите што доаѓаат во БиХ со себе носат многубројни безбедносни проблеми и дека балканската рута е повторно оживеана, пишува во сараевски „Дневни аваз“.
Тоа се лица што нелегално влегле на територијата на БиХ, односно нелегални мигранти.
Полицијата на Унско-санскиот кантон открила и одредена количина дрога од разни видови во последните десет рации во мигрантските кампови Бира, Липа, Мирал.
Повеќето мигранти доаѓаат од Пакистан, а потоа следуваат Бангладеш, Ирак, Авганистан, Иран, Сирија…
Мигрантите од Пакистан и Авганистан со себе носат посебен безбедносен аспект затоа што, според извештајот на Стејт департментот, овие две земји се прогласени за најголем светски производители и дистрибутери на дрога.
Пакистан е прогласен за еден од најголемите светски транзитни коридори на опијати.
„Опијатите се тргуваат преку порозни граници со Авганистан и Иран. Пристаништата, аеродромите, поштенските услуги и нерегистрираните крајбрежни области на Пакистан овозможуваат дистрибуција на нелегални дроги на глобално ниво. Канцеларијата на ООН за дрога и криминал проценува дека Пакистан е транзитна земја за 45 % од опијатите произведени во Авганистан. Истражувањето на оваа канцеларија покажа дека Пакистан има 6,7 милиони корисници на дрога,“ се наведува во извештајот на Стејт департментот, пишува сараевскиот весник.
Во извештајот се посочува дека дрогата што минува низ Пакистан е наменета за глобалниот пазар, а пакистанските сили се во можност да пресретнат само мал дел. Во 2019 година пакистанските агенции за спроведување на законот тврдат дека раскинале 11 синџири на трговија со дрога. За 10 месеци од минатата година, запленети се приближно шест тони морфиум и хероин, како и 7,9 тони опиум.
Министерот за внатрешни работи на сараевскиот кантон, Исмир Јушко, рече дека речиси не постои кривично дело што мигрантите не го сториле.
„Сведоци сме дека со лицата што нелегално влегуваат во БиХ, т.е. мигрантите, доаѓаат многубројни безбедносни проблеми. Насилство, поседување оружје, кражба, наркотици, сето тоа доаѓа со мигрантите“, вели Јушко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

