Регион
Брнабиќ за трагедијата во Нови Сад: Зошто ја бараат главата на премиерот, која е неговата вина
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека политичката одговорност за трагедијата во Нови Сад ќе биде утврдена „бидејќи во тоа нема апсолутно никакво сомневање“ наведувајќи дека Србија е демократска земја, чии институции добро си ја вршат својата работа, јавува „Н1 Србија“.
„Ќе се утврди политичка и кривична одговорност, за кривична одговорност треба да се разгледа секој проект, секоја хартија, потпис и секој печат. Што значи тоа, поминале 24 часа и никој не е уапсен, сакаат да апсат луѓе што не се виновни, само сакаат нечија глава“, изјави Брнабиќ за ТВ „Хепи“ зборувајќи за опозицијата.
По повод плакатот во Нови Сад со ликовите на српскиот премиер Милош Вучевиќ и министрите Томислав Момировиќ и Горан Весиќ, таа со порака: „Корупцијата убива – ќе одговарате!“, праша: Што сакаат?
„А што се однесува до вината на премиерот, да видиме во кој временски период се случија овие пропусти. Тоа можеше да биде градоначалникот на Нови Сад, кој нема никаква врска со тој проект, освен што тоа е неговиот град. Тој не е ниту надзорник таму, ниту градежна инспекција, ниту може да направи нешто како градоначалник. Што беше подоцна министерот за одбрана“, рече Брнабиќ.
Како што додаде таа, ако некој премиер е одговорен, тогаш тоа е таа што ја извршуваше функцијата седум години.
„Ако ја сакате (главата) на премиерот, тогаш барајте ја мојата, не барајте ја главата на претседателот на Владата, кој стана премиер по изборите во 2023 година“, рече Брнабиќ.
Таа рече и дека опозицијата „не е заинтересирана за човечка трагедија, туку само како да дојде до власта“.
Брнабиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ јасно кажал дека очекува политичка и кривична одговорност за трагедијата во Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

